Бесмислен напад врз новинари на Водици

Новинарката на телевизијата Канал 5, Мирјана Мирчевска-Јовановиќ, која настрада за време на инцидентот на Водици во саботата во Скопје, случката ја пријавила во полиција. Мирчевска-Јовановиќ се здоби со повреди на вратот и раката, а била и туркана, влечена и навредувана од страна на вработени на агенцијата за обезбедување НИКОБ, кои биле ангажирани од Македонската православна црква. Во вчерашниот билтен на Министерството за внатрешни работи се наведува дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„Во полициската станица Центар, М.М. (39) од Скопје, во саботата во 16 часот пријавила дека истиот ден во 12:30 часот на улица ‘Филип Втори Македонски’, додека извршувала работни задачи како новинар и се обидувала да земе изјава од лицето што го фатило крстот на вчерашната верска манифестација, била турната од непознато лице вработено во агенција за обезбедување, кое ја обезбедувало манифестацијата по повод верскиот празник Водици. М.М. притоа се здобила со повреда на вратот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, наведуваат од МВР.

Мирчевска-Јовановиќ за „Независен весник“ вели дека пред да ја повредат смирено му кажала на обезбедувањето дека е новинар и дека сака да земе изјава од момчето што го фатило крстот, но кога се свртела кон момчето и ја испружила раката со микрофонот, членови од обезбедувањето одеднаш почнале да ја туркаат и завршила со повреди. Од агенција за обезбедување НИКОБ во соопштение за јавноста посочуваат дека обезбедувањето, како и минатите години, хуманитарно се погрижиле за безбедноста за време на одржување на манифестацијата и се придржувале до утврдениот протокол од страна на организаторот.

„Јавно ги прашувам, ако биле хумани пред да ме удрат, зошто кога сите новинари им викавме да земеме изјава, а притоа не можеме да стигнеме до тој што го фатил крстот, никој не дојде да ни каже дали и каде ќе има изјава? Пред да ме повредат се слуша мојот глас каде што многу смирно им кажувам дека сум новинар. Ме удрија во моментот кога го пружив микрофонот со левата рака и одеднаш почнаа да ме туркаат“, вели Мирчевска-Јовановиќ.

„За чествувањето на еден од најголемите христијански празници Богојавление – Водици, нашата агенција се погрижи со 30 обезбедувачи за манифестацијата да мине во најдобар ред. Но одреден медиум јавува дека на чествувањето дошло до немил инцидент и напад на новинар кој известувал за настанот. За жал, медиумот искажа јавно незадоволство и упати обвиненија за непрофесионално однесување на вработени во агенцијата“, наведуваат од агенцијата НИКОБ.

Отец Бобан Митевски од Скопската епархија вели дека жалат за немилиот настан и апелираат на простување од двете страни.

„Ние како организатори не навлегуваме на чија страна е вистината, но во никој случај не можеме да оправдаме насилство туку сè треба да биде преку разговор и разбирање“, вели отецот.

Мирјана вели дека го прифаќа извинувањето на Скопската епархија, но дека одговорност бара од институциите каде што се спроведува правдата.

Нападот врз новинарката на Канал 5 го осудија новинарските здруженија, ССНМ, Советот за етика во медиумите и политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Здружението на новинарите и Синдикатот бараат итни санкции за напаѓачите на новинарка Мирчевска Јовановиќ.

„Бараме од Министерството за внатрешни работи веднаш да реагира и да спроведе итна истрага за инцидентот со идентификување на напаѓачот на новинарката, а потоа и да поднесе кривична пријава за насилство до јавното обвинителство во Скопје за што ќе биде поведена соодветна постапка. Освен ова, бараме од МВР да истражи дали и на други новинари и медиумски работници, присутни на настанот, им била повредена физичката безбедност, како и правото слободно да известуваат пред јавноста“, велат од ЗНМ.

„Според изјавите од нападнатите колеги, како и од наши членови очевидци на инцидентот, обезбедувачите од агенцијата НИКОБ, грубо физички се однесувале кон новинарката на Канал 5, Мирјана Мирчевска-Јовановиќ, кон фоторепортерката од МИА, Ивана Батев и кон фоторепортерот од ‘Република’, Александар Ивановски. Новинарката на Канал 5 притоа има здобиено повреди на раката и вратот, поради што ѝ била укажана лекарска помош“. ССНМ бара од полицијата и Основното јавно обвинителство темелно да го истражат инцидентот и соодветно да ги казнат напаѓачите, велат од ССНМ.

Вероника Мароска-Леова