Беса се премислува да влезе во Владата

Беса, која е моментно најголема опозициска партија во албанскиот блок во парламентот, не исклучува можност да стане дел од Владата на СДСМ и на ДУИ.

Тоа го најави нејзиниот прв лидер Биљал Касами во разговор за „Призма“, посочувајќи на неговата неодамнешна средба со премиерот Зоран Заев.

Набрзо по расколот во партијата, Касами се сретна со премиерот Заев и од изјавите по средбата можеше да се предвиди дека Беса, барем оној дел што го поддржува Касами, нема само да ги гласа законите на владејачкото мнозинство, туку дека постои можност и да стане дел од владиниот кабинет.

„Според зборовите на Заев првата реконструкција се очекува во пролет и тој ни понуди да размислиме дали тогаш би се вклучиле во Владата“, вели Касами за „Призма“ и потенцира дека неговата партија има кадри со кои би можела да придонесе во Владата.

Касами потсетува дека од петтемина пратеници на партијата веќе тројца имаат изјавено дека остануваат во Беса.

Летото минатата година , кога се формираше актуелниот владин кабинет, Беса ја одби понудата да биде дел од владејачката коалиција и реши да дејствува како опозиција.