Бездомните лица под Кале ќе бидат згрижени до март

Бездомните лица под Кале ќе бидат згрижени во установи за социјална заштита, одлучи Владата на денешната седница.

Министерството за труд и социјална политика е задолжено преку Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје до март годинава да обезбеди сместување за овие лица во објекти што ги користи јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение.

– Станува збор за 30 семејства, односно 99 лица. Од нив, само девет семејства поседуваат некакво живеалиште, додека останатите се евидентирани како бездомни лица. Сместувањето на бездомните лица е во согласност и со препораките на Интерсекторската работна група за следење на состојбата на воздухот, бидејќи на овој начин овие лица нема да палат несоодветни материјали за греење и дополнително да го загадуваат воздухот, соопштија од Владата.