Бебињата ќе добијат дрвја наесен

Првите дрвја од проектот „Дрво за секое дете“ ќе бидат засадени наесен. Дотогаш ќе се собираат податоците за новороденчињата и ќе се дизајнира изгледот на плочките со нивните имиња кои ќе стојат на дрвјата.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вчера посочи дека градските власти заедно со јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ имаат одредено неколку локации каде што ќе се садат дрвјата, а родителите ќе можат да изберат една од нив.

„Проектот се реализира, во моментов има пријавени новороденчиња, а бројот ќе се зголемува до есен, кога е сезоната за садење. Во една акција ќе бидат заедно засадени дрвјата за сите новородени кои се пријавени во овој период“, рече Шилегов.

Градот Скопје на почетокот на април потпиша меморандум со Клиниката за гинекологија и акушерство, Специјалната болница Чаир, „Ремедика“ и со „Аџибадем Систина“ и ги почна активностите за реализација на проектот. Во меѓувреме се испечатени информативните летоци со кои ќе се запознаваат новите родители со проектот, кои се делат од страна на клиниките кои го потпишаа меморандумот. По напуштање на гинеколошката клиника, родителите ќе треба да го пријават добиениот код за да  нивното новороденче добие свое дрво.

„Со овој проект, покрај обележувањето на најсреќните моменти во животот на луѓето, а тоа е раѓањето на децата, истовремено и се одолжуваме на животната средина за изгубеното зеленило и дополнително ги зголемуваме парковите и дрворедите во сите општини во градот. Нашите сограѓани заслужуваат подобрување на условите за живот, а промената започнува од самите нас. Ние сме пример на нашите деца, внуци, на најмладите. Заедно ќе го направиме Скопје поубаво место за живеење“, посочуваат од Градот Скопје.

Проектот „Дрво за секое дете“ беше дел од предизборните ветувања на градоначалникот на Скопје, во насока на зголемување на градското зеленило и поттикнување на граѓаните да се грижат за неговото одржување.

„На дрвото ќе има плочка каде што ќе го пишува името на детето и датумот на раѓање. Низ годините, секој што засадил дрво ќе може да го следи растот на дрвото заедно со неговото дете“, изјавуваше Шилегов.

Сања Наумовска