Бебето било здраво пред да почине од морбили

За само три дена, трет смртен случај од морбили. Тринаесетмесечно дете од Тетовско починало во вечерните часови во неделата од компликации предизвикани од мали сипаници на Клиниката за детски болести. Претходно не било вакцинирано. Детето до 21 јануари било здраво, а поради тегоби било префрлено на Клиниката за детски болести. Епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје објасни дека од 21 јануари било инфицирано, 19 дена подоцна починало. Тој рече дека инкубацијата трае од 11 до 21 ден.

„Поради други тегоби, било префрлено на Клиниката за детски болести во Скопје каде што било лекувано и потоа е вратено дома. Во петокот наспроти сабота е префрлено на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби поради типична клиничка слика на морбили. Бидејќи клиничката слика покажувала многу тешка состојба, тоа е префрлено во ноќните саати на Педијатрија и почина во доцните вечерни часови. Не можам да кажам каде се заразило“, рече Караџовски.

Од Министерството за здравство подвлекуваат дека во текот на последното деноноќие, односно од неделата кон понеделникот, регистрирани се седум нови случаи на заболени со морбили, а на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани тројца граѓани.

„На Клиниката се примени една 32-годишна жена од Сарај која била невакцинирана и две невакцинирани деца на една и полгодишна возраст од Кисела Вода. Во моментов на Клиниката се лекуваат 26 пациенти, од кои четворица возрасни, а 22 се деца. Најголем дел се на возраст од една до една и пол година“, велат од Министерство.

На Клиниката за детски болести, пак, хоспитализирани се седум деца заболени со морбили, имаат потешка клиничка слика, но не се во животно загрижувачка состојба.

Од почетокот на епидемијата досега, од морбили заболеле 220 граѓани, а  вакцина против ова заболување примиле 6.276 граѓани.

Епидемиологот Караџовски потсети дека вакцинацијата во земјава не е на задоволително ниво за да се одржува 95 отсто заштитен имунитет кај населението. Повторно апелираше до родителите да ги вакцинираат своите деца, но и тие да се вакцинираат бидејќи апстиненцијата од вакцинацијата доведува до ризик.

„Престанете со немарност да примате информации од социјалните мрежи, каде што можете да најдете секакви податоци и така се доведувате себе во ризик да заболите ако не сте вакцинирани против ова заболување. Вакцините се направени во Белгија и се работи за квалитетна имуногена вакцина, а се набавени во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и нивниот министер. Епидемија на морбили има во цела Европа. Ако Европа не може да се справи, немојте да барате виновник овде, за ова е виновно населението“, додаде Караџовски.

Казните за невакцинација се од 350 до 650 евра, а за тоа што досега никој не платил казна, Караџовски им рече на новинарите да се обратат во судовите.

На Клиниката за детски болести во Скопје, претходно, во саботата, почина тринаесетмесечно бебе од Свети Николе од компликации предизвикани од морбили. Претходно, имало и хронично заболување на белите дробови. Три дена детето било лекувало од морбили на Клиниката за инфективни болести, а во тешка состојба било префрлено на Клиниката за детски болести. Лекарите рекоа дека детето примало кортико-терапија, која дополнително му го намалила имунитетот. Болеста му била пренесена од таткото.

Првата жртва беше шестмесечно бебе од Куманово, а битката за живот ја изгуби во петокот. Лекарите кажаа дека починало од компликации предизвикани од морбили. Бебето од почетокот на месецов било хоспитализирано на Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле, го однеле таму да се лекува од пневмонија, по што било префрлено на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде што докторите за жал не може да се справат со компликациите предизвикани од морбили.

Вероника Мароска-Леова