Баланс МК: 14-годишно дете е во кома на КАРИЛ оти не му откриле дијабет!

Три деца поради докторска некомпетентност и незнаење во последнава недела биле доведени во состојба што им го загрозила животот, соопштија од Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК. Станува збор за 4-годишно дете од Свети Николе, 9-годишно дете од Гевгелија и 14 -годишно дете од Охрид. Последното е во најтешка состојба, во кома на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ.

„Баланс МК“ ги повика своите членови, поддржувачи, но и лекарите да им дадат поддршка денес во 16 часот пред Клиниката за детски болести, за да побараат да се решат проблемите со кои се соочуваат децата со дијабетес и да испратат порака дека вакво нешто не смее да се повтори.

Од Асоцијацијата велат дека трите деца имале дијабет тип 1, но матичните лекари не ги препознале симтомите.

„Почитувани сограѓани, денес, во 21 век во ерата на сеопшт техничко-технолошки развој и едукација, во Македонија се образуваат и работат, медицински лица коишто не знаат да дијагностицираат дијабетес тип 1! Денес, во ова време, кое овдешните институции и оние што раководат со нив во наше име и за наша сметка ни го опишуваат како пресудно и реформско имаме систем кој не само што атакува врз нашите социјални, економски или какви и да се перспективи, туку атакува врз нашето основно и уставно загарантирано право, правото на здравје на граѓаните, особено на децата. Не знаеме каков ќе биде конечниот епилог на оваа трагедија на нашето општествено егзистирање, иако сме сосема сигурни дека да не беше последниот бастион на нормалноста и компетентноста Детската Клиника при Клинички центар Скопје – тој сега ќе беше грозоморно извесен“ , соопштија од Баланс МК.

Од таму бараат Министерството за здравство во рок од 48 часа да го истражи случајот и да побара одговорност, вклучително и кривична.

„Во име на сите членови на Асоцијацијата за детски дијабетес Баланс Мк, во име на сите деца во Македонија со дијабетес тип 1 објавуваме дека ќе тргнеме во безпоштедна борба со сета неписменост за оваа воопшто неретка болест – па драги наши, во Македонија 180.000 лица боледуваат од дијабетес а ние не знаеме што е дијабетес, ниту ја препознаваме неговата симптоматологија!?! Страшно! Бараме сите пациентски организации, ама и сите родители, да станат во одбрана на правото на децата за квалитетна здравствена заштита и грижа. Во зловреме само солидарноста, заедништвото, и одлучноста може да не спасат“, се додава во соопштението.

Од организацијата велат дека мајката на детето од Свети Николе препознала дел од симптомите и сама барала да се направат испитувања за дијабет, со што била спречена поголема трагедија.

С.С.З.