Ахмети ја враќа во игра резолуцијата за осуда на геноцид врз Албанците

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави денеска дека ќе бара од Собранието на Македонија да го осуди геноцидот врз Албанците пред околу еден век.

Ахмети го соопшти ова на настан во Зајас, Кичевско, каде што денеска беа погребани посмртни останки на Албанци кои биле масакрирани во периодот од 1913 година до Втората светска војна. Од ДУИ велат дека овие оставки биле пронајдени во неколку гробници во околината на Зајас.

На погребната церемонија во меморијалниот центар „Албанска мајка“ присуствуваше и министерот за дијаспора во Владата на Албанија, Пандели Мајко Тој рече дека овие луѓе биле убивани само затоа што зборувале албански јазик. Тој и се заблагодари на македонската Влада што овозможила да се одбележи овој настан.Ахмети најави дека ќе побара од македонскиот парламент осуда на злосторствата извршени пред 104 години.

„Барам солидарност од Македонците бидејќи и врз нив имало злосторства. Затоа ќе инсистираме да се донесе резолуција во парламентот за осуда на геноцидот кој е направен врз Албанците пред 104 години. Нека не се плаши никој, бидејќи нема да бараме надомест. Нивните животи не можат со ништо да се надоместат“, порача Ахмети.

Барањето да се донесе резолуција во македонскиот парламент за осуда на „геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956 година“ поттикна голема полемика во јавноста, кога, во почетокот на годинава, беше објавена платформата на партиите на Албанците во Македонија. Платформата, што ја иницираше ДУИ, а ја потпишаа и Беса и Алијансата на Албанците, беше промовирана непосредно по ланските парламентарни избори, а пред да почнат преговорите за формирање на ново парламентарно мнозинство.

Дел од оваа платформа е и законот за употреба на јазиците, кој од следната седмица влегува во финалната фаза од собраниската процедура, а кој се очекува да овозможи позначителна употреба на албанскиот јазик во институциите на власта во земјава. (А.М.М.)