Ахмети: Прашањето за името да не се бирократизира

Проблемот со името е прашање кое бара решение, бидејќи е пречка за нашето зачленување во НАТО и ЕУ, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети, на денешната предновогодишна средба со новинарите.

Според Ахмети, посредникот Метју Нимиц треба посилно да се ангажира со помош на ОН и сите пријателски држави, а од наша страна зависи како ќе се договори тој компромис и што понатаму.

– Не смее да се дозволи ова прашање да се бирократизира или политизира или да се користи прашањето за референдум и можни бескрајни дебати во парламентот за да се обесхрабри решавањето. Тоа треба да се реши со договор меѓу двете држави и двете влади како што беше во 90-тите години околу привремената референца. Се разбира дека тука треба да учествува и опозицијата за да се надминат разликите и да се ставиме во услуга на иднината, бидејќи минатото на Балканот воопшто е болно и мора да се решава, рече Ахмети.

Лидерот на ДУИ посочи дека сегашната опозиција е заинтересирана за решавање на спорот со името, а ставот дека се за НАТО и ЕУ го реафирмирале и за време на Конгресот.

– Опозицијата е заинтересирана за решавање на проблемот околу името, но колкави се разликите ќе видиме во текот на овој процес. Без опозиција не може да се реши ова прашање и во тој правец беа и пораките од нивниот неодамнешен конгрес дека се за членство на Македонија во НАТО и ЕУ, а сметам дека тие не се неискусна партија да знаат дека тоа не е можно без решавање на проблемот со името, како и тоа дека приоритет се добрососедските односи и со Софија и со Атина, рече Ахмети.

Лидерот на ДУИ рече дека комуницирал и со владејачките партии и со опозицијата и смета дека сите се за решавање на ова прашање.

За можноста за влегување на ДПА во Владата, Ахмети посочи дека имало разговори на оваа тема и дека се отворени за соработка, но оти засега нема ништо конкретно.

Коментирајќи ги информациите и изјавите дека тој и ДУИ го уцениле премиерот Заев за излегување на Алијансата на Албанците од Владата, Ахмети рече дека не влијаел за тоа лидерот на партијата Зијадин Села да одлучи да излезе од владата.

– Јас тоа би го нарекол самозаминување, а околу тоа дека јас сум го уценувал премиерот Заев со наши излегувања се целосни измислици, рече лидерот на ДУИ.