Арна Шијак повредена на протестите: Имам дупки во нозете од шок-бомбата

Актерката Арна Шијак е хоспитализирана на пластична хирургија откако завчера се здоби со повреди од фрлена шок-бомба за време на протестите пред Собранието. Шијак за „Независен весник“ рече дека шок-бомбата била фрлена од страна на полицијата, а експлодирала пред неа и ѝ нанела повреди на двете нозе.

„Јас сум само граѓанин кој излезе таму да изрази револт кон сето ова што ни се случува. На едната нога немам кожа, ми правеа зафат на пластична хирургија и сè уште не ме пуштаат од болница поради антибиотската терапија која ми ја одредија. Не можам ниту да одам, се движам со количка, раните се шиени и ме болат, па поради тоа ми дадоа и апчиња против болки. Едната рана ми беше толку многу валкана од шрапнелите и барутните честички поради што лекарот мораше толку длабински да ја чисти што си ја видов дури и коската“, вели Шијак.

Таа во разговорот за „Независен весник“ хронолошки раскажува како се случувале работите за време на протестот.

„Како освестен и загрижен граѓанин од ова што ни се случува излегов на закажан мирен протест. Тоа е наше граѓанско право. Сѐ беше во ред додека не се појавија одредени провокатори со качулки и замотани маици околу нивните глави. Полицијата требаше да биде подготвена и да ги отстрани кога веќе забележале дека тие ќе предизвикаат нешто. Но полицијата им дозволи да останат, а тоа ми е индикативно дека ескалацијата што се случи беше од таму. Сомнително ми беше дека имаше полицајци во кордонот кои не беа во полициска опрема, туку беа во фармерки и патики“, вели Шијак.

Таа додава дека најпрво почнало да се слуша пукање на петарди, за кои претпоставува дека ги фрлале „Комитите“. Наеднаш, како што раскажува актерката, бил фрлен солзавец од страна на полицијата, па таа заедно со нејзините пријатели со кои протестирале се повлекле во паркот „Жена борец“ наспроти Собранието, а луѓето со качулките во тој момент ги снемало од толпата.

„Меѓу луѓето што протестираа имаше жени, повозрасни луѓе, но и млади граѓани и сите се повлековме во паркот. Затоа што ние не дојдовме за насилство, дојдовме мирно да протестираме. Одеднаш пред мене падна шок-бомба. Јас не ја ни видов, но беше фрлена од многу блиско растојание. Ја фрлија врз својот народ! Мене ми падна пред нозете и експлодираше. Почувствував жар на нозете, ми ги искина фармерките, пробав да направам еден-два чекори и паднав бидејќи имав дупки во нозете. Дојде едно момче ме крена и ме однесе во најблискиот објект, во казиното кое работеше, за да повикаме Брза помош и така ме донесоа до болница“, раскажува Шијак.

Таа тврди дека полицијата на протестите применила прекумерна сила и дека фрлените шок-бомби и солзавецот биле нивни.
„Јас сум жена и не бев отидена таму за насилство. Протестирам затоа што сметам дека може да биде подобра иднината за сите нас и за нашите деца“, вели Шијак.
Една девојка, која случајно се нашла на местото на протестот, ситуацијата ја опиша како хаотична и страшна. Имало откорнати семафори, луѓе што маваат со камења и премногу специјалци кои добивале наредби каде да се движат, дури и во ГТЦ.

„Луѓе со маски на главите кршеа асфалт или нешто слично и фрлаа во правец кон паркот „Жена борец“. Едно момче ме предупреди да си одам оти сигурно ќе пуштат солзавец. Ситуацијата беше хаотична и страшна“, објаснува девојката.

Владата соопшти дека согласно овластувањата и законите ќе ја штити безбедноста на граѓаните и институциите и нема да дозволи изолирани групи со насилство да го нарушуваат јавниот ред и мир за да шират атмосфера на страв и несигурност.

– Повикуваме на разум и на конструктивна атмосфера за дебата и јавно информирање, со цел секој граѓанин на Македонија да има можност да донесе сопствен став пред одржување на референдумот што следува и слободно да одлучат за македонската просперитетна иднина. Без страв, заплашување и притисок. Ги повикуваме граѓаните да внимаваат и со воздржан однос да ги препознаваат лажните вести и дезинформациите што се шират преку социјалните мрежи – се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Ивана Настеска