Апелација ја потврди условната казна за Ивона Талевска

Апелацискиот суд Скопје денеска ја потврди условната казна за новинарката Ивона Талевска во врска со предметот „Тифани“.

– Апелацискиот суд Скопје во врска со предметот познат во јавноста како „Тифани“ по одржана јавна седница донесе одлука со која ги одби како неосновани жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите Скопје, жалбата на обвинетата И. Т. од С. и жалбата на обвинетото правно лице Друштво за маркетинг и пропаганда С. Г. ДООЕЛ С, се наведува во соопштението од Апелацискиот суд Скопје.

По повод жалбите, а по службена должност Апелацискиот суд Скопје ја преиначил првостепената одлука заради правилна примена на Кривичниот законик во делот на изречената споредна парична казна во однос на валутата во која истата е изречена.

– Во останатиот дел првостепената пресуда по спроведената жалбена постапка, е потврдена, се додава во соопштението.

На 20 февруари годинава Кривичниот суд ја осуди Талевска со условна казна затвор од две години доколку во следните четири години не го повтори делото даночно затајување.

Со одлуката на судот Талевска во рок од еден месец треба да плати казна во висина од 1.000 евра, делот за трошоците за вештачењето, а во период од една година треба да го надомести затаениот данок, односно сумата што СЈО ја прецизираше во обвиненителниот акт.

Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ од 2008 до 2014 година одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци, при што затаила 2.314.463 денари или 37.634 евра преку фирмите и 1.040.840 денари или 16.924 евра личен данок.