Апаратот за мамографија во Штипската клиничка болница повеќе од една година не работи

Во Клиничката болница во Штип повеќе од една година не работи апаратот за мамографија.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека делот кој е потребен за поправка е порачан од октомври минатата година.

– Во тек е набавка на делот кој недостига. Има еден единствен овластен сервисер за тој апарат. Меѓутоа за мене од нејасни и неразбирливи причини, сервисерот се уште го нема набавено делот, кој треба да го вгради, за мамографот да се стави во функција, посочи Ѓеорѓијев.

Пациентите од општините Штип и Карбинци прегледите на дојката ги прават во Свети Николе, или закажуваат прегледи приватно во Кочани. Овој компјутерски мамограф е релативно нов, а во болницата е инсталиран во 2015 година.