Анкетите го туркаат Заев за наследник на Иванов

Премиерот Зоран Заев има најголеми шанси да стане претседател на државата доколку се одлучи зградата на „Илинденска“ да ја замени со вилата на Водно. Тој има рејтинг од 12,4 отсто од испитаниците, а по него следуваат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Никола Димитров, со по 8,2 проценти. Меѓу Македонците, најпопуларен е шефот на опозицијата, но претседателот на Владата би бил фаворит благодарејќи на гласовите на албанската заедница.

Ова се дел од резултатите на најновата анкета што во период од 7 до 14 декември годинава ја спроведе агенцијата „М-проспект“ на барање на Телма и МЦМС. Зад водечкото трио е Стево Пендаровски (6,8 отсто), Бујар Османи (6,5), Имер Селмани (5,8), Теута Арифи (3,4), Тања Каракамишева (2,7), Гордана Силјановска, Трајко Славески и Радмила Шекеринска со по 2,4 проценти, Мирјана Лазарова–Трајковска (1,4) и Ганка Цветанова (0,4), за никој од нив не би гласале 18,8 отсто од испитаниците, а не се одлучиле 14.9 проценти.

Кај македонските гласачи, водат „ниту еден“ и „не сум се одлучил“, по што следуваат Мицкоски со 11,9 отсто, Димитров со 10,9 отсто и Заев со 10,4 проценти. Албанците најпрво би се одлучиле за Османи (22,7), Селмани (20,8), Арифи и „никој“ со по 12,3 отсто, па за Заев 11,2 проценти.

Гласачите кај идниот претседател најмногу би ценеле чесност (25 отсто), одговорност (17,3), толеранција (11,6), решителност (10,3), храброст (8,9) и патриотизам (7,5 отсто). За кандидат од друга етничка заедница би гласале 53,6 проценти од испитаниците, но затоа 58,4 проценти од прашаните во анкетата не би гласале за кандидат од партија што не ја симпатизираат.

Со евентуален бојкот на изборите не би се согласиле над 67 отсто. Осум од десет испитаници одговориле дека претседателот треба да продолжи да се избира на директен начин како и досега.