Анкета: Трајни прифатилишта – решение за кучињата скитници

Најсоодветно решение за проблемот со кучињата скитници е да се обезбедат прифатилишта во кое ќе бидат сместени неограничено, сметаат мнозинството граѓаните – над 60 проценти опфатени со истражување објавено во емисија на ТВ Сител, во која гостуваа Петре Шилегов, градоначалник на Скопје, Радмила Пешева, активистка на „Анима мунди“ и Димитар Терзиевски од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според истражувањето, повеќе од една четвртина од испитаните граѓани – близу 27 отсто, би посвоиле куче од улица.

Мнозинството ( околу 63 проценти) смета дека е погрешно да се дозволи кучињата скитници слободно да шетаат по улиците, a повеќе од половина од граѓаните се подготвени да плаќаат повисоки даноци на општините за да се обезбедат профатилишта за кучињата скитници (54,5 проценти). Како што се изјасниле повеќе од половина од испитаниците или 57,8 проценти, општините немаат соодветен пристап за справување со проблемот со кучињата скитници и овој проблем, според 53,3 проценти од анкетираните, годинава е поголем споредено со лани.
Според 65,5 проценти од граѓаните, Македонија не ги исполнува стандардите на Европската унија во однос на кучињата скиници, а 46,2 проценти сметаат дека полесно би се надминал проблемот доколку станеме членка на ЕУ.
Истражувањето било спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), меѓу 8 и 13 јануари и со него биле опфатени 1091 испитаници.