„Анима мунди“ со отворено писмо до Шилегов: Парите за „Вардариште“ ги пренаменувате за друго

Здружението за заштитна на животните „Анима мунди“ упати отворено писмо до градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов во кое бараат тој да одговори за неисполнетите ветувања кои ги даде во неговата изборна програма.

Отвореното писмо на „Анима мунди“ ви го пренесуваме интегрално во целост:

Си игра ли Град Скопје со довербата на активистите за права на животните, како и довербата на секој граѓанин кој очекува проблемот со бездомните животни да биде ставен под контрола и конечно решен?!

Дали се измама и лажни ветувања сите обврзувања за целосна реорганизација на стационар „Вардариште“, хуман третман на животните и инволвирањето на здруженијата за заштита на животни во неговото работење за да се надмине проблемот кој тековно само се продлабочи – за што во повеќе наврати доставивме конкретни предлози, укажувања и барање да се официјализира присуството на Анима Мунди како дел од управувачкиот тим на стационарот, но не добивме конкретен одговор?

Јавно го прашуваме предлагачот на Предлог изменувањето на буџетот на Град Скопје, градоначалникот Петре Шилегов која е причината што, во Предлог изменувањето пари првично наменети за Вардариште – изработка на основни и изведбени проекти со ревизија – се укинуваат и наменуваат во други ставки? Станува збор за средства кои биле проценети како неопходни за да се направат основни измени и услови за
работа во главниот град каде состојбата со бездомните животни е повеќе од алармантна, згрозувачка и загрижувачка.

Бараме итен одговор на што се чека додека кучиња во „Вардариште“ умираат од зарази или се убиваат, инфраструктурните услови се катастрофални, работи несоодветен кадар кој до сега во пракса покажа дека ниту има сенс за работа со животни ниту ја разбира Програмата ЗСВ, а бројката бездомни животни во градов не е намалена.

Бараме ургентна ревизија на Предлог изменувањето на буџетот на Град Скопје и ниту денар наменет за Вардариште да не се пренасочува во други намени. Бараме итно официјализирање на влезот на активисти во стационарот како управувачко тело и суштински измени во работењето на стационарот во интерес на хумано, континуирано и одговорно спроведување на програмата Залови – стерилизирај – врати; нејзина надградба преку дефинирање итни мерки и активности со цел да се унапреди сигурноста на граѓаните и хуманиот третман на животните.

Нема да го сметаме како одговор изговорот дека нема ДУП во Општина Гази Баба и дека постојниот објект на стационарот е дивоградба. Во изминатите месеци и тоа како имаше време за да се лоцира соодветна парцела и да се почне со изградба на нов стационар.

Го потсетуваме градоначалникот на неговото ветување од изборната програма со која победи на локалните избори:

„Вардариште е минато. Во Скопје отвораме нов стационар по европски стандарди за згрижување и за третман на улични кучиња. Продолжуваме со вакцинацијата и стерилизацијата на уличните, но отвораме и програми за едукација на сопствениците на домашните миленици, за да го направиме градот безбеден и пријатен за сите. Отвораме и престојувалиште за домашни миленичиња, за привремено згрижување, при отсуство на сопствениците. Во секој градски парк и на зелените површини, поставуваме задолжителни делови за рекреација на милениците. Во спомен на нашите починати миленичиња, отвораме градски гробишта за милениците во првата година од мандатот“.

Колку од ветувањата се исполнети?