Ангел Димитров, историчар и дипломат: Мит е дека Македонија се ослободила сама

Кога зборуваме за генезата, треба да знаеме дека во современата Македонија постои неизвесен идентитет поради неколкуте луѓе кои ја создаваат генезата, потеклото на македонската нација, вели бугарскиот историчар и долгогодишен дипломат во Македонија, професор Ангел Димитров.

Бугарската влада го назначи Димитров да ги води разговорите со македонската страна за спорните прашања и заедничката историја. Формирањето на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историските и образовни прашања со Македонија е во согласност со Договорот за добрососедство и таа треба да придонесе за објективно и засновано на автентични историски извори научно толкување на историските настани.

„По 1944 година, силно се тврди дека Македонците биле посебен словенски народ, кој бил нападнат и асимилиран од страна на соседите. Ова беше класична теза на македонизмот. Се разбира, кај дел од македонското население, кој не е толку мал, се задржува генеричкото сеќавање и тоа мрзеливо знае за неговата бугарска заднина“, вели Димитров во интервју за бугарски „Дневник“.

Тој посочува дека во вардарска Македонија дел од населението бил под силно српско влијание меѓу двете светски војни. Овие луѓе, нагласува тој, по формирањето на комунистичка Југославија, ја прифатија промената и развија посебен југословенски идентитет.

„Во последните дваесетина година, од почеток срамежливо, се проби претставата за директна врска со античките Македонци. Тоа стана речиси формална теза за време на владеењето на Никола Груевски“, вели бугарскиот историчар и дипломат.

На прашање кои теми ќе бидат отворени во рамки на заедничката комисија со Македонија, Димитров вели:

„Ќе ви посочам еден исклучително важен тематски круг, кој има директно значење за интерпретација на минатото, што ние сметаме дека е заедничко минато. Овој круг прашања е во темелите на доктрината на македонизмот и го спречува нормалниот развој на односите меѓу Бугарија и Македонија. Станува збор за генезата и патот кој е поминат до создавањето на современите нации – од македонска страна се смета дека постои македонска нација и тие имаат причина за таков идентитет. Но ние треба да размислуваме, да дискутираме и да видиме како да најдеме прифатливо објаснување за овој процес“.

Димитров посочува дека до 1944 година нема конфликт меѓу Бугарија и населението на некогашната Вардарска Бановина. Наводите за некоја конфликтна приказна, нагласува Димитров, се апсолутно измислени, тоа е пропагандна теза.

„Сакаме со факти да покажеме дека имаме заедничка историја, да бараме заеднички. Но ние треба да разбереме што нѐ дели. А, реално, нѐ дели комунистичкиот период, кој прави нова интерпретација на минатото“, вели Димитров.

Другиот понов мит, според него, е дека Македонија се ослободила сама, дека имало моќен отпор и дека сама дошла до државност. Ова, според него, доаѓа како негирање на улогата на бугарската војска во протерувањето на Вермахтот од вардарска Македонија.

Друга страна на пропагандата, според бугарскиот историчар, базирана на претставата за самостојноста и за сопствениот пат до државноста, е барањето малцинства надвор од Македонија.

„Ние сакаме многу јасно со нашите колеги да расчистиме феномени, настани, факти кои се веќе демантирани од текот на историското време“, вели Димитров.

Тој вели дека неговите колеги од Скопје мора да ги напуштат пропагандните клишеа и да презентираат научни аргументи. Но таму, додава Димитров, сѐ уште има структури, контролирани однадвор. Белград, оценува тој, има долга рака во Скопје, Москва има свои силни амбиции за да го зголеми своето влијание на Балканот…

Димитров вели дека составот од Македонија во заедничката комисија е од средната генерација историчари, дури има и помлади, кои не се оптоварени со афирмацијата на доктрината на македонизмот како постарите и не работат на границата меѓу науката и пропагандата.

Тоа се луѓе што не треба повеќе да останат во заробеништво на старите стереотипи, митови и догми.

„Нашиот прв официјален состанок се очекува до крајот на јуни. Се надеваме дека до крајот на годината, кога ќе се одржи состанок на двете влади, ќе имаме уште три дебати. Тоа ќе биде добар ритам и почеток. Треба да знаеме што сакаме, да го правиме тоа напорно, постојано, трпеливо… Но, да бидеме и реални и да знаеме дека другата страна, исто така, има свои интереси. Сепак, тоа е посебна држава. Таа треба да има свое лице, но тоа да не противречи на историската вистина и на бугарскиот стремеж да види една обновена модерна Македонија како свој партнер и пријател во ЕУ и НАТО“, нагласува Димитров во големото интервјуто за „Дневник“. (Н.В.)