Амбулантата во затворот „Идризово“ ќе добие гинеколог и психолог

Здравствен дом – Скопје ќе ги превземе под своја надлежност амбулантите во казнено поправниот дом „Идризово“ и во истражниот затвор во Шуто Оризари. Ќе се вработат доктори и медицински сестри и затворениците и притворениците ќе добијат похумани услови за лекување. Со тоа ќе ја исполниме и својата законска обврска, најави Злате Мехмедовиќ, директор на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје.

За лекувањето во затворите претходно беше надлежна Управата за изрекување санкции.

Уште се прават проценки колку вкупно медицински персонал ќе биде потребен за амбулантите во затворите. Според Мехмедовиќ, во најголемиот затвор во државата, КПД „Идризово“, има потреба од еден лекар – специјалист, два општи лекари, пет медицински сестри, психолог,  гинеколог за женското одделение во затворот, како и од фармацевт кој би се грижел за затворската аптека. Амбулантите би работеле во две смени, наместо во една смена како што е сега.

Со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) допрва ќе се утврдува на кој начин ќе се лекуваат затворениците – дали преку фондовска услуга за осигуреници, или ќе се регулира на друг начин.

Според Законот за извршување санкции, чии измени донесени во 2013 година, здравствената заштита во затворите требаше да мине под надлежност на Министерството за здравство, поточно во јавното здравство кое треба да обезбеди примарно ниво на здравствена заштита. Тоа досега не се случи.

Сега, двата затвори имаат по еден општ лекар во прва смена, до 16 часот. Потоа потребата од лекар се пријавува кај затворските чувари. Затворениците со години се жалат дека нема лекари во затворите, особено попладне и навечер, дека има висока смртност поради ненавремени прегледи, дека нема лекарства…

С.С.З.