Аманатидис: Граѓаните да го прочитаат договорот

 Заменик министерот за надворешни работи на Грција Јанис Аманатидис ги повика Грците да го прочитаат договорот и сами да формираат мислење дали тој е добар како што тврди владата или не.

Аманатидис, во интервју за грчката телевизија „Епсилон“, коментирајќи ги негативните реакции во Грција и протестите пред канцеларии на пратеници, рече дека оние што протестираат се конкретни, познати и мали групи.

– Сметам дека треба да се објаснуваат детали, затоа што на народот веројатно уште не му е разјаснето што се случува со договорот. Го повикувам народот да го прочита договорот за да види дали она што го кажуваме ние, она што го велам јас и за иредентизмот и за малцинството е вклучено во договорот. Можат да го прочитаат и самите да формираат мислење, порача Аманатидс.

Во однос на содржината на договорот, заменикот на Коѕијас рече дека „е многу добар, не отвора врата за иредентизмот, туку затвора и крева ѕид“.

– Договорот е многу добар и коригира една негативна политика од изминатите години што не направи апсолутно ништо, истакна заменикот МНР на Грција.

Говорејќи за ставот на политичките партии, Аманатидис рече дека Движењето за промена, треба одново да ја испита позицијата во однос на договорот.