Албанските партии со порака до Иванов: Преиспитај ја одлуката или поднеси оставка

Претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев влегоа во меѓусебна „војна“. Откако изгласаниот договор од Собранието беше испратен до Иванов, премиерот Заев изјави дека претседателот треба да ја почитува одлуката на парламентарното мнозинство бидејќи тоа го претставува мнозинството граѓани. Но Иванов не попушта. Во ваква ситуација албанските партии ги повикуваат граѓаните на умереност и на воздржаност, а претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука и да ѝ дозволи на Македонија да се движи напред.

Партијата на Африм Гаши, која неодамна стана дел од Владата, упати апел до сите институции во земјава да ја вршат својата работа бидејќи ова е време на големи пресврти и Македонија нема простор за грешки. Портпаролот на скопското крило на Беса, Орхан Муртезани, за „Независен весник“ вели дека се надева дека никому нема да му текне да посегне по меѓуетничките односи во време кога политичките лидери треба да покажат политичка зрелост, а не меѓусебен инает.

„Мислам дека не е првпат да имаме ваква криза, која доаѓа како резултат на судирот меѓу институциите. Еден таков проблем продолжуваме да имаме и за непотпишаниот закон за јазиците. Како и да е, една држава која сака да напредува треба да наоѓа решенија, а не да прави кризи. Во овој контекст, и највисоките државни институции треба да го промовираат овој дух. Во ова време на пресврт, мислам дека сите треба да бидат на ниво на своите задачи и да помогнат да се постигне кохезија во државата. Се надевам дека овој пат нема да имаме проблеми што ќе остават дамка врз стабилноста на државата и меѓуетничките односи“, изјави Муртезани.

Албанските опозициски партии се единствени дека Иванов со последните негови размислувања и чекори наместо да ѝ помогне на Македонија полесно да чекори кон ЕУ и НАТО, го прави спротивното. Потпретседателот на тетовското крило на Беса, Абдуш Демири, рече дека Иванов не заслужува да биде претседател на Македонија и ја бара неговата оставка.

„Движење Беса цврсто ги поддржува сите чекори што ја носат земјата во НАТО и ЕУ. Секоја друга алтернатива е неприфатлива и не е за доброто на граѓаните. Бараме Иванов да си поднесе оставка и да запре со неговите штетни постапки за државата и граѓаните“, изјави Демири.

И од Алијансата за Албанците повикуваат на разум и политичко зрело однесување од страна на претседателот Иванов. Портпаролот на Алијансата, Флакрон Беџети, за „Независен весник“ оцени дека токму претседателот Иванов во моментов стана главниот фактор кој е против имплементација на потпишаниот договор со Грција. Беџети додаде дека не треба да се исклучи можноста за импичмент, која ја спомна премиерот Зоран Заев.

„Наша проценка е дека овие критични моменти треба да се надминат со политичка зрелост и во интерес на евроинтегративниот процес на Македонија. Секој обид некој да добие политички поени со политички инает, како што се случува сега меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот Ѓорге Иванов, треба да покрене одговорност ако ескалира ситуацијата. Ние сме заинтересирани оваа ситуација да се реши што поскоро, да се имплементира договорот со Грција и наш политички фокус да биде евроатлантскиот процес на Македонија. Во евентуалниот конфликт меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Албанците треба да покажат политичка зрелост со тоа што нема да бидат дел од какви било активности поврзани со истиот. Сметаме дека претседателот Иванов треба да ја разгледа својата одлуката за законот за јазиците и за договорот со Грција. Се разбира дека ова е антиуставно однесување на Иванов и треба да сноси одговорност бидејќи тој сега е најголемиот газител на Уставот. Треба да се употребат сите расположливи начини, вклучувајќи го и импичментот, тој да биде тргнат од претседателското место бидејќи работи во корист на ВМРО-ДПМНЕ против законите кои се во корист на граѓаните и евроатлантскиот процес на Македонија“, рече Беџети.

Блерим Исмаили