Активирани итните мерки против загадувањето на воздухот

Ослободување од работни обврски на бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, е една од мерките која од вчера стапи во сила по добиените информации од УХМР за квалитетот на воздухот кој последователно повеќе од два дена е надминат над дозволеното, односно над 200mg/m посебно на мерните станици во Лисиче, Ректорат и Тетово каде достигна и до 600mg/m.

МЖСПП овие мерки ги предлага согласно заклучокот на Владата на РМ на 40. седница во кои се предлага реорганизација на работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот.

Во мерките се препорачува Министерството за здравство да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици според дијагноза на МКБ10, пол, возраст, место на живеење-општина, за времетраењето на алармантно загадување на воздухот на дневна основа.

Во мерките се наложува Владата да ги задолжи сите органи на државната управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 проценти употребата на службените возила.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа да обезбеди да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници, да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Инспектори на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) од вчера на терен вршат зајакнати контроли на правните субјекти што поседуваат А интегрирани еколошки дозволи (А ИСКЗ), соопшти попладнево ДИЖС.

Овие активности се преземени како резултат на прагот на алармирање за надминување на вредноста од 200 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови на PM10 честичките во воздухот.

Скопје и Тетово се опфатени со зајакнатите контроли на Државниот инспекторат за животна средина, а доколку биде потребно, инспекторските екипи ќе бидат зајакнати и со инспектори од другите градови во Републиката.

Поради големата загаденост на воздухот Градот Скопје донесе одлука за бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници.

Бесплатниот превоз ќе биде овозможен се до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена.

Советот на Општина Центар вчера донесе одлука за запирање на спроведување на 31 Детален урбанистички план за подрачјето на општината на предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ и ќе трае два месеци. Со оваа одлука, како што покажале истражувањата на општината, загадувањето ќе се намали за 22 до 25 проценти.