Адеми до Милошоски: Политиката не е пресадување коса

Министерот без ресор, Едмонд Адеми му порача на поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски дека политиката не е како пресадувањето коса.

„Милошоски денес се обиде да изграва ‘мангуп’ во комисијата за надворешна политика со документи класифицирани како државна тајна. ‘Магуплукот’ му се удри од глава. Добива кривична пријава за поседување и издавање на државна тајна без да го има потребниот сертификат. Драг Антонио, ова се сериозни работи, и ти како поранешен МНР би требало да го знаеш тоа. Не е тоа пресадување коса, па ако фати фати, ако не ништо!“, напиша Адеми на својот профил на „Фејсбук“.

Претходно, потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири најави кривични пријави за оддавање државна тајна за претседателот на Комисијата за надворешни прашања, Антонио Милошоски и за лице од Кабинетот на Ѓорге Иванов во врска со класифицираните материјали од лидерски средби кај претседателот, за кои денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ бараше да им бидат доставени на членовите на собраниската Комисија за надворешни работи кои имаат безбедносни сертификати и посочи на делови од нив. Зекири истакна дека Милошовски не поседува безбедносен сертификат од 2015 година наваму за да може да поседува или бара класифицирани информации. Поради тоа, рече, немал ниту право да бара класифицирани информации од кабинетот на претседателот Иванов.

„Милошоски со тоа што изнесе детали од извештајот од лидерски средби одржани кои ги добил од Кабинетот на претседателот, а се класифицирани како државна тајна, директно го прекршува член 317 од Кривичниот законик. Пратеникот Милошоски и тој што го доставил извештајот ќе им бидат поднесени кривични пријави за оддавање државна тајна“, најави пратеникот од СДСМ.

Напомена дека за ова дело е предвидена казна затвор од една до пет или од една до десет години.