Адеми: Во учебниците по историја ќе има пријатно изненадување

Сите челници во општеството, а особено носителите на јавни и политички функции своите активности треба да ги усогласат со стратешките цели – членството на нашата земја во НАТО и ЕУ, рече министерот за образование и наука Арбер Адеми одговарајќи на новинарско прашање за измени во учебниците по историја и во други учебници откако се постигнати договори со Грција и Бугарија.

– Ниту јас како министер, ниту кој било треба да дозволи во овој историски момент да се креираат какви било тензии. Планираме во текот на август да известиме за учебниците и нивниот квалитет и ќе има пријатно изненадување, рече Адеми на прес-конференција за капиталните инвестиции во образованието.

Во однос на наставната програма по која основците ќе учат од септември, министерот одгвори дека останува она што го кажа неодамна – до донесување на новиот закон за основното образование, основците ќе учат по старите наставни програми. Тоа значи дека останува и Кембриџ-програмата од прво одделение.

– За нов пристап треба да бидеме целосно подготвени. Ние сме фокусирани кон Законот за основно образование. Согласно со консултациите со експертите, одиме кон тоа да има намалување на бројот на часовите, а секако ќе бидат рефлектирани и најавените реформи во основно образование. Целта ни е да имаме квалитеен закон за основно образование, додаде Адеми.