Адвокатите се откажаа од Груевски за негово добро

Адвокатите што го застапуваат поранешниот премиер Никола Груевски на судските процеси што се водат против него во отсуство се откажаа од својот клиент кој избега од Будимпешта. Груевски сега ќе го брани нов адвокат, кој му беше доделен по службена должност, Петар Димовски.

Одлуката на адвокатите беше соопштена вчера на судското рочиште за случајот „Насилство во општина Центар“ во кој е обвинет и Груевски. Судијата соопшти дека тројцата адвокати Димитар Дангов, Боро Тасевски и Стерјо Зиков, кои во предметот го застапуваат Груевски, го откажале полномоштвото. Сите адвокати имаат свое образложение зошто го откажале полномоштвото, но сите тврдат дека тоа го направиле во интерес на својот клиент.

„Сите ги откажавме полномоштвата од процедурални причини бидејќи Законот за кривична постапка предвидува можност обвинетиот да бара повторување на постапката во рок од една година од дознавањето за постоење правосилна пресуда против него. Доколку ние останеме бранители во постапката кои имаат комуникација со него, ќе се јави сомневање дека ние сме го известиле и дека од тие причини ќе започне да му тече рокот од една година за повторување на постапката“, вели еден од неговите адвокати, Боро Тасевски.

Адвокатот Стерјо Зиков вели дека се договориле дека најдобро за интересите на нивниот клиент е да се откажат од полномоштвото.

„Во некое идно време ова може да биде многу важен факт во фазата на постапката што понатаму би следувала. Не би ја откривал нашата стратегија“, ни изјави Зиков.

Ваква одлука донеле и другите адвокати што го бранеа Груевски во другите предмети. Тврдат дека оваа одлука нема никаква врска со исплаќањето на нивниот ангажман.

„Нема врска со исплаќањето, тоа е веќе моја работа и не треба да давам отчет во јавноста“, вели Зиков.

И една од адвокатките која го бранеше Груевски во предметот „Титаник“, Сања Алексиќ, вели дека се откажува од полномоштвото.

„Со оглед на тоа дека странката не е присутна, не можеме да дадеме ефективна одбрана и од тие причини го откажуваме полномоштвото“, вели Алексиќ.

Адвокатот Еленко Миланов ни изјави дека и тој најверојатно ќе го откаже полномоштвото од правни причини тврдејќи дека со тие полномоштва би можело да му направат само проблем. Миланов вели дека не е проблем нивната комуникација со клиентот и тој како адвокат не мора да дава отчет на институциите за неговата комуникација со Груевски.

„Ние можеме слободно да комуницираме со клиентот, се знае кај е што е, тоа не е помагање, тоа е чисто адвокатска работа, тој ни е клиент, се знае каде е“, вели Миланов.

Токму Миланов по бегството обелодени дека контактирал со Груевски во доцните вечерни часови на 13 ноември, истиот ден кога Груевски се огласи на својот фејсбук-профил дека е во Будимпешта и дека ќе бара политички азил. Контактирал телефонски со Миланов, а потоа следувала и комуникација преку СМС-пораки, околу правни прашања. Тој тоа го пријавил во судот, и вели дека нема ништо тајно и дека МВР знае за се што постои во неговиот телефон, и дека е убеден дека МВР знае за бројот на Никола Груевски.

Груевски пред повеќе од еден месец избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, односно за незаконската набавка на луксузниот „мерцедес“. Тој го реализираше бегството со помош на унгарски дипломати преку Албанија, Црна Гора и Србија до Унгарија, каде што побара и доби политички азил.

Јавното обвинителство во наредните десетина дена конечно треба да излезе со информации за тоа како успеал да избега Груевски од Македонија и дали има одговорност кај институциите. Неделава претставници од Обвинителството требаше да одат во Црна Гора за да ги земат видеоматеријалите поврзани со овој случај, а од Албанија се бара и таа што поскоро да ги достави материјалите со кои располага.

Минатата недела обвинителката Вилма Русковска рече дека прегледувањето на снимките што ги имаат е при крај и очекуваат во наредните две недели да излезат со соопштение за резултатите од предистражната постапка.

По бегството, парламентот му го одзеде пратеничкиот имунитет на поранешниот премиер за вкупно шест предмети на СЈО во кои тој е обвинет или осомничен. По барање на Специјалното јавно обвинителство, судот му одреди и притвор на Груевски за случаите „Титаник“, ТНТ, но и за „Талир“, најновиот случај на СЈО во кој е обвинет.

Лечел синуси, па се видел со Груевски

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба, Александар Трајковски, кој беше фотографиран како шета со поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта, на денешното рочиште на судењето за „насилство во општина Центар“ тврдеше дека бил во Унгарија на специјалистички преглед за синусите и дишните патишта. Трајковски вели дека со Груевски се сретнал како со сопартиец и поранешен лидер и се пожали дека станал мета на јавноста и оти поради неговото патување и лекување како слободен човек, јавноста калкулирала и со негово притворање и бркање од работа од Царина. Не кажа зошто ги лекувал синусите и дишните патишта токму во Будимпешта. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи го праша на денешниот процес: „Кој ве упати токму во Будимпешта, зошто баш таму? Зима е, ладно им е на синусите.“ „Јас сум слободен човек обвинителке“, рече тој.

„Во интерес на постапката и вашето редовно присуство во иднина, дали ќе одите повторно на преглед во Будимпешта?“, го праша Фетаи.

„Отидов, ми констатираа тоа што ми го констатираа, ќе се лекувам тука“, ѝ одговори Трајковски.

Трајковски е вработен во Царинската управа, од каде што соопштија дека во времето кога беше објавена фотографијата бил на боледување и најавија дека е поведена постапка да се утврди дали тоа е оправдано и ако се утврдат злоупотреби ќе бидат преземени соодветни мерки.

Фросина Факова – Серафиновиќ