Груевски пак ќе бара одложување на затворот

Адвокатите на премиерот Никола Груевски кој треба да се јави на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“ пак ќе бараат одложување на затворот. Тие утре ќе се повикаат на вонредниот правен лек кој се уште не доставен до Врховниот суд и на одлуката на Комисијата за дискриминација дека Груевски бил дискриминиран.

„Утре нема да поднесуваме жалба бидејќи таква можност Законот не предивидува. Ќе бараме од Основниот суд Скопје 1 самиот да го одложи извршувањето на пресудата од причините кои се наведени во вонредниот правен лек до Врховен суд кој од 24 декември се наоѓа во тој суд и може да ги согледа причините на правниот лек. Во исто време и Комисијата за заштита од дискриминација даде препорака на овој суд, во рок од триесет дена Основен суд Скопје 1 и судијата Добрила Кацарска да ја известат Комисијата какви дејствија ќе преземат за утврдена дискриминација кон Груевски во предметот „Тенк“, велат од адвокатскиот тим на Груевски за „Независен“.

Адвокатите ги исцрпија сите редовни правни лекови и во петокот на Груевски му беше одбиена и последната жалба што ја поднесе до Кривичниот суд. Пресудата станува извршна веднаш штом ќе ја прими, но во петокот судскиот доставувач три пати не го најде дома, а Груевски доброволно не се јави во Шутка.

Иако од Судот најавуваа дека решението ќе му го врачат утре, на судењето за „Титаник“, сепак рочиштето за овој случај е одложено за во среда. Наводно било одложено уште претходно бидејќи истиот судски совет го води и „Титаник“ и  „Монструм“ случај за кој рочиште е закажано исто така за утре.

Но судот нема да чека дотогаш за да му биде врачено решението. Оттаму велат дека утре ќе ги направат последните напори да го пронајдат Груевски, но доколку судот утврди дека Груевски избегнува да го прими решението, ќе побара присилно приведување од МВР или распишување на потерница.

„Ако судот одлучи дека Груевски ја избегнува одлуката, веќе во вторник следните чекори се присилно да биде спроведен во придружба со полицијата или издавање на налог за апсење, што е во согласност со судската пракса“, велат од судот.

Адвокатите имаат поднесено вонреден правен лек и до Врховен суд, но предметот се уште не е пратен таму бидејќи се чекаше жалбата на поранешната министерка, Гордана Јанкулоска која е осудена исто така за незаконската набавка на мерцедесот, но во одвоена постапка. Кривичен чекаше да го комплетира предметот со жалбата на Јанкулоска па да го испрати до Врховен суд.

Никола Груевски е првиот поранешен премиер осуден на затворска казна од две години во случајот „Тенк“. Затворската казна треба да ја издржува во затворот во Шутка. (Ф.Ф.С.)