АВМУ: Партиите ќе се рекламираат со пари на граѓаните

Измените во Изборниот законик се скандалозни и со нив политичкото рекламирање за време на изборните процеси што политичките субјекти им го плаќаа на медиумите од своите сметки, сега ќе се плаќа од парите на граѓаните, реагира Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Измените на Изборниот законик беа донесени по скратена постапка во Собранието на Република Македонија, а по претходен договор на лидерските средби на политичките партии.

„Трошоците за платено политичко рекламирање и неговиот обем по медиумите досега беа ограничени од финансиските можности на политичките субјекти, додека новото решение овозможува тие да се зголемат затоа што ќе се плаќаат од парите на граѓаните“, реагираат од Агенцијата.

Според Агенцијата, новата одредба за дополнителните лимити за платено политичко рекламирање на радијата и телевизиите, повторно не обезбедува еднакви услови за пристап до платеното политичко рекламирање за сите учесници во изборниот процес, затоа што им дава предност на партиите од власта и од парламентарната опозиција, а воопшто не предвидува време за рекламирање за независните кандидати.

Со измените на Изборниот законик кои беа изгласани на собраниска седница, се допрецизираат одредбите за платеното политичко рекламирање, финансиските средства кои се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, исплатата на трошоците за објавеното платено политичко рекламирање од Министерството за финансии, како и други прашања поврзани со изборниот процес.