Ѝ мажите можат да заболат од карцином на дојка, вели д-р Чапова
Карциномот на дојка веќе втора или трета година по ред е број еден малигна болест, не само кај женската популација, туку веќе се генерално во човечката популација. Во розевиот месец октомври посветен на подигнување на свеста за рак на дојка, гостин во утринската програма на „Слободен печат“ беше доктор Маја Чапова, радиолог од приватната болница „Аџибадем Систина“, и еден од најдобрите дијагностичари кај нас.
– Кога се дијагностицира карцином на дојка, нема губење време. Ова е клучно за нашата работа. Во Македонија рапидно расте бројот на заболени жени. Мислам дека се ближиме некаде околу илјада. Тоа е моето лично чувство и перцепција. Она што можам да го кажам од мојата секојдневна работа е дека за жал немам ден без еден или два дијагностицирани карциноми – вели Чапова.
Таа вели дека загрижувачки е што растот е на светско ниво, а старосната граница се намалува и сè помлади пациентки заболуваат од рак на дојка.
Најмлада пациентка кај која е дијагностициран карцином е 21-годишна пациентка, а највозрастната е на 92 години.
– Основната идеја за самопреглед е скриената порака дека жената којашто прави самопреглед, едноставно, кога ќе стане свесна за своите гради, во одреден период од животот треба да почне со редовни прегледи на дојките. Младите девојки кај кои градите веќе се формирале, препорачуваме нивните мајки да ги посоветуваат дека треба одвреме навреме да си ги опипаат, да си ги запознаат своите гради и евентуално доколку постои некоја неправилност да дојдат и да расчистиме за што станува збор – вели Чапова.
Според неа, околу 90% од грутките што ги напипуваат жените се нереални грутки.
-Тоа се биолошки, хормонски, некои лажни грутки на стврднување на дојката, кои едноставно не се поврзани со туморска болест. Меѓутоа, треба да си ги познаваме градите и треба да реагираме на промени. Самопрегледот е паметно да се прави секој месец по завршување на менструалното крвавење, бидејќи тогаш градите се најмеки и најмала е шансата за појава на такви лажни грутки – вели Чапова.
Таа вели дека и мажите можат да заболат од карцином на дојка.
– Освен што можат да заболат, во оној момент кога жената е соочена со карцином на дојка, верувајте и мажите психички боледуваат. Состојбата од моментот на дијагноза, процесот на лекување, е исклучително емотивна состојба, која го вклучува целото семејство, па не можеме да речеме дека тоа е само женска битка и ѝ се случува на жената, туку тоа е битка на цело семејство – вели Чапова.