Ќе се гради базен во дворот на „Јан Амос Коменски“
До крајот на годинава Општина Карпош ќе добие нов затворен базен во дворот на основното училиште „Јан Амос Коменски“ благодарение на соработката на Општината и Агенцијата за млади и спорт. Ова ќе биде еден од трите базени што градоначалникот Стефан Богоев планира да ги изгради до крајот на мандатот, како дел од предизборните ветувања. Во изјава за „Независен весник“ вели дека до крајот на неделава очекува да добие согласност и од родителите чии деца го посетуваат посоченото училиште.
„Анкетата е пуштена пред две недели и очекувам денеска или утре таа постапка да биде завршена, да ја добијам потребната согласност и да продолжиме со активностите за реализацијата на проектот. Во овој случај, тој ќе биде целосно реализиран од страна на Агенцијата за млади и спорт“, вели Богоев. Во меѓувреме Општината ја прибира комплетната документација околу земјиштето каде што е предвидено да се гради базенот за да ѝ ја предаде на АМС. Агенцијата, посочува Богоев, има идејно решение, готов проект, значи ќе треба да избере само изведувач за градежните работи. „Очекувам дека нема да имаме непредвидени проблеми на терен и дека базенот ќе биде готов до крајот на годинава“, оптимист е Богоев. Тој вети изградба на вкупно три базени во Карпош до крајот на мандатот. Првиот целосно ќе биде реализиран од страна на АМС, а за другите два надлежните допрва ќе одлучуваат.
Инаку и другите два ќе бидат во дворовите во некои од училиштата. Ќе се запази да бидат покриени сите делови од Карпош, во смисла да бидат достапни за сите ученици. Базенот во „Коменски“ да можат да го користат учениците што гравитираат од тој реон и слично. За време на наставата базените ќе им бидат достапни за користење само на учениците за потребите на наставата, а во попладневните часови ќе се даваат за комерцијални цели. „Тоа ќе биде еден од начините за собирање сигурен приход кој ќе се користи за покривање на трошоците за тековно одржување на базените“, вели градоначалникот.
Дополни дека неодамна го раскинал договорот со фирмата која била избрана да гради базен во дворот на „Лазо Трповски“, по идеја и одлука на неговиот претходник. „Нонсенс беше да се гради базен во тоа училиште кога воздушно на само 100 метри од него има базен во рамки на ‘Борис Трајковски‘“, додаде Богоев.
Инаку, поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски уште за време на локалните избори во 2013 година најави дека ќе гради базени во дворовите на сите 10 основни училишта во Карпош. Поголемиот дел од нив требаше да бидат готови до 2017 година. Но не се изгради ниту еден од нив. Само се избраа неколку идејни решенија.
Деспина Трајковска-Димова