Шведска: Екстремната десница во подем, главните блока во пат-позиција


Шведска се соочува со пролонгиран период на политичка неизвесност, по изборите во кои двата главни парламентарни блока завршија со речиси ист број гласови, но далеку од бројот потребен за мнозинство, додека екстремно-десничарската Шведски демократи ветува дека ќе покаже вистинско влијание во парламентот, иако освои помалку места отколку што се предвидуваше.

Популистичката антиимигрантска партија освои 17,6 отсто проценти од гласовите, според прелиминарните официјални резултати, што е значително подобрување од 12,9 отсто што ги освои во 2014 година, но далеку од 25 отсто, колку што проектираа некои анализи на анкети за испитување на јавното мислење во почетокот на летото. Сепак, многу е веројатно дека партијата ќе игра значителна улога во креирањето на политиките во земјата.
Владејачките социјалдемократи на чело со премиерот Стефан Ловен го одржаа рекордот секогаш да излегуваат на прво место на изборите од 1917 година наваму, но победата овој пат ја извојуваа со пад во освоените гласови – 28,4 отсто, најнизок во изминатиот век за партијата, додека главната централно-десничарска опозициска партија Умерените исто така падна на 19,8 отсто.

Изборната вечер се покажа како прилично поволна за помалите партии: поранешната комунистичка Левица, централнодесничарската Центар и Христијанските демократи освоија повеќе гласови од вообичаено. Како клучен елемент кој би им помогнал на централнолевичарите да формираат влада, Зелената партија го надмина прагот од освоени 4,4 отсто за да влезе во парламентот.

Прелиминарните резултати покажаа дека владејачката коалиција на социјалдемократите, Зелената партија и Левица, освоиле 40,6 отсто од гласовите, а опозицискиот блок составен од Умерените, Христијанските демократи, Центар и Либералната партија освоија 40,1 отсто од гласовите.

Социјалдемократите би можеле да изгубат 13 пратенички места во шведскиот Риксдаг.
Партијата и нејзината централно-левичарска коалиција ќе се помачи да формира нова влада, а опозицискиот блок Алијанса нема да се повлече без борба. Лидерот на Либералната партија Јан Бјорклунд од Алијансата, вчера изјави дека сака да формира влада, но одби секаква опција да соработува со екстремно-десничарските Шведски демократи. „Сакам влада на Алијансата, но тоа нема да се случи во соработка со Шведски демократи“, рече Бјорклунд.

Меѓутоа, на новата влада, за чие формирање ќе треба да поминат неколку недели, ќе ѝтреба или вкрстена блок алијанса меѓу централнодесничарските и централно-левичарските партии, или прифаќање на Шведските демократи – кои долго време беа отфрлани поради нивните корени – ако сакаат да изгласуваат закони, што значи дека популистите ќе добијат шанса да дадат свој збор во донесувањето на политиките.
Многу набљудувачи сметаат дека лидерот на Умерените, Улф Кристерсон, кој вчера го повика Ловен да си даде оставка, ќе побара да формира малцинска централно-десничарска администрација, најверојатно во коалиција со Шведски демократи. Ова ќе ѝ даде на популистичката партија шанса да влијае врз носењето на политиките, особено во врска со имиграцијата, во замена за гласови.

Лофвен рече дека нема да поднесе оставка и повика на соработка со вкрстување на блоковите: „Шведските демократи не можат и никогаш нема да можат да понудат нешто ќе му помогне на општеството. Тие само ќе ги зголемат поделбата и омразата. Мејнстрим партиите сега имаат ‘морална одговорност’ да формираат влада“, рече тој.

Значителниот број освоени гласови на Шведските демократи се само уште еден приказ на сè поголемото незадоволство – па дури и гнев – од имиграциските политики по мигрантската криза од 2015 година.
Обраќајќи им се на поддржувачите вчеравечер, лидерот на Шведски демократи Џими Окесон рече дека 63. пратенички места, кои ќе ги добие од вкупно 349 пратеници во Риксдаг, се победа.
„Никој не може да ни го одземе тоа.“

Тој рече дека е заинтересиран за соработка со другите партии и дека би сакал да им каже, особено на Умерените, „како се води држава“.
Ова беа првите избори во Шведска откако владата дозволи 163.000 мигранти да влезат во земјата – што е најмногу по глава на жител од која било друга европска земја – за време на европската мигрантска криза во 2015 година, што ја поларизираше земјата и нејзините 7,3 милиони гласачи и ја зголеми загриженоста на јавноста за состојбата на системот за социјална помош што и онака се сметаше дека е оптоварен.

Долгите чекања за операции, недостигот на доктори и наставници, како и на полицајци кои имаат проблеми во справувањето со бранот вооружени пресметки на банди и напади со гранати – најчесто во сиромашните области каде има голема концентрација на мигранти – ја разнишаа довербата во фалениот шведски модел на великодушна социјална држава и инклузивност.

„Традиционалните партии потфрлија во справувањето со незадоволството што се појави и уште трае“, вели Магнус Бломгрен од Универзитетот Умеа. „Тоа незадоволство можеби не е директно поврзано со невработеноста или со стопанството, туку едноставно со довербата во политичкиот систем. Шведска не е единствената која се соочува со ова.“ (Гардијан)