Чиста препорака – „условен“ датум
Александра М. Митевска
Во едни други времиња, „чистата“ препорака на Европската комисија, можеби, ќе беше рутинска вест за Македонија, која во периодот од 2009 до 2014 година стекна навика постојано да биде само охрабрувана дека има шанси за одредување датум за почеток на преговорите за полноправно членство во Унијата. Но, откако Македонија стана уникатен пример на кандидатка за ЕУ на која, практично, ѝ е одземена (поточно условена) препораката, веста дека државата се враќа на претходното (повисоко) скалило на патот кон Брисел е во најмала рака надежна.
Тоа можеби не е причина за голема прослава. Каква што, на пример, своевремено беше организирана за добивањето на кандидатурата – на скопскиот плоштад, пред таму да биде подигнат споменикот на Александар – како своевидна симболика и за причините за деградирањето на евроатлантските перспективи на државата.
Сега не е вистинско време за славење затоа штое сѐ уште е неизвесно каква завршница може да се очекува од оваа етапа на процесот за надминување на спорот со името со Грција, од што, всушност, и зависи каква ќе биде во јуни „препораката“ на Европскиот совет. Сепак, враќањето на почетната позиција во однос на можноста за старт на преговорите за членство е голема работа по долготрајното тапкање во место, а потоа и уназадување на трасата што води кон ЕУ.
Препораката за почеток на преговорите, во пакет со позитивните оценки во извештајот на ЕК, ги подгрева повторно очекувањата дека, по 13 години од добивањето на кандидатскиот статус, земјата е на добар пат да ја напушти чекалницата. И да се врати на колосекот на кој, во меѓувреме, нѐ претркаа некои од државите од регионот кои пред една деценија беа далеку зад нас.
Ако нашата земја некогаш се натпреваруваше со Хрватска сега е речиси на иста линија со Албанија, со таа разлика што за официјална Тирана ова е прво добивање на препорака додека нашето искуство на тој план е речиси децениско. Сепак, утешно е тоа што овој пат Македонија е светла точка на тој регионален колосек, за разлика од претходните неколку години кога нејзината ѕвезда беше мошне избледена – како поради влошените односи со соседите, така и поради внатрешните (не)прилики, честите политички кризи и неисполнувањето на основните критериуми – во делот на владеењето на правото, слободата на медиумите, организацијата на изборите…
Секако, дека можеби ќе треба да поминат исто толку години за санација на штетите на евроатлантскиот процес колку што беа потребни за сите тие штети да се предизвикаат, а потоа и да еруптираат – со последната криза што почна да се развива кон средината на 2014 година. Тоа, всушност, го дијагностицира и ЕК, со заклучокот дека е потребно време за неопходните структурни реформи, бидејќи штетите направени во изминатиот период не можат да се надоместат преку ноќ.
Сепак, добрата вест е дека во Македонија се променети политичката клима и политиките во однос на интеграциските процеси – за само една и пол година од последниот европски извештај или поточно за само десет месеци од промената на власта. Позитивен исчекор е и тоа што Македонија од држава со длабока политичка криза стана држава во која постои јасна политичка волја за напредок. Сега останува да се види дали реалниот напредок ќе биде постигнат веќе во јуни, кога лидерите на европскиот самит треба да ја потврдат препораката и евентуално да одредат датум за почеток на преговорите.
Како што до пред една и пол година беше условена препораката за Македонија, сега може да се каже дека на некој сличен начин датумот за преговори со ЕУ е условен од понатамошниот тек на едни други преговори – за спорот со името. И на тој план е забележано големо придвижување во позитивна насока во последните месеци, но исходот и натаму е во сферата на прогнозите и исчекувањата. Затоа, пак, напредокот во исполнувањето на политичките критериуми е веќе евидентен и тоа е забележано со „големи букви“ во новиот извештај на ЕК.