Ципрас: Договорот од Преспа е историски чекор за цела Европа


Грција – Со видео во траење од речиси две минути, објавено на социјалните мрежи, грчкиот премиер Алексис Ципрас, на граѓаните им ги разрешува дилемите за Договорот од Преспа.

-Дојде време да ја дознаеме вистината, е пораката на почетокот од видеото во кое се користени инсерти од потпишувањето на договорот, а во продолжение и делови од договорот, со објаснување што всушност тие значат за Грција.

Видеото грчкиот премиер го сподели на официјалните профили на Фејсбук и Твитер.

-Договорот од Преспа е историски чекор, не само за двете земји и за поширокиот регион, туку и за цела Европа. Ги зацврстува односите на пријателство, соработка и стабилност, напиша Ципрас споделувајќи го видеото.

Паралелно, од Министерството за надворешни работи на Грција објавија текст во кој одговараат на најчесто поставуваните прашања од граѓаните во врска со Договорот од Преспа.

-Која беше националната линија прифатена од претходните влади? Што добива Грција од Договорот од Преспа? Со Договорот од Преспа, признаваме „македонска нација“ и „македонски јазик“? Како Грција е обезбедена во случај некоја следна влада да одлучи да отстапи од Договорот од Преспа? Што ќе се случи доколку од грчкиот Парламент не биде ратификуван Договорот од Преспа?, се прашањата на кои од грчкото МНР даваат детални и опширни одговори.