Цел живот во стендап шоу: Весна Бејби ја разголи душата на сцена


Не се штедеше себе си, ниту семејството, колегите и пријателите. Во еден час и половина, синоќа, низ смеа и солзи го раскажа целиот свој живот, или најважните епизоди од детството, младоста, мажачката, несреќите, па сѐ до последниот инцидент кога и падна колата во Вардар.

Преполната сала на МНТ , со обична и вип публика, не се штедеше со аплаузи, ниту со коментари.

Весна Бејби Петрушевска, со оригинално и искрено стендап шоу одбележа 25 години актерски јубилеј, под мотото : „Влези, не се соблакај“  или како што рече- „25 години брак со МНТ“. Нормално, раскажа како го запознала и како и беше и во брак со поранешниот сопруг, ама како и беше и со помлад дечко, со кој откако раскинала, сега е ослабната 20 килограми.

-Заблуда е дека 40-тите се нови 20-ти, 40 се 40, а особено, моите 49 години, убаво ги чувствувам, порача синоќа Весна Бејби.

Во емотивното шоу, актерката сподели дека никогаш не помислувала и дека ќе падне во клиничка депресија, ниту дека ќе се случи пожар во куќата на нејзините родители.

Ама, овој живот, не би го менувала за друг, и ни порача на сите да си го сакаме, зашто вреди.  Емотивниот крај на вечерта полна со аплаузи го испратија децата на Весна, Кирил и Мина, но и децата од нејзината актерска школа, подарувајќи ѝ цвеќиња. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски