Фитнес


Лејла Сабит

 

Повеќе тренд од рекреација.

Повеќе муабет од вежбање.

Повеќе сеир од топ-форма.

Фитнес-центрите се новите сврталишта на славните, моќните и парајлиите во Скопје.

Пред влезот паркирани скапи автомобили, спортската опрема брендирана, салата топ-опремена, со или без личен тренер.

Место кафе, избирате вода или енергетски пијалак, слушате добра поп-музика и пожелно е додека трчате по лентата, да зборите по мобилка и да склучувате бизнис-зделки.

Се билдаат мускулите и егото, расте тестостеронот, потта се меша со скапи парфеми, колку вложувате – толку добивате. Како на берза.

Дознавате, дознаваат, тенка е линијата меѓу приватното и службеното, меѓу сериозен разговор и озборување меѓу (не)пријатели и познајници.

Се разголувате и со облеката и со тајните, ви го гледаат опуштениот стомак на почеток и плочките на стомакот на крајот.

Жените повеќе вежбаат отколку што се дружат, чудни се без шминка, уште почудни со шминка.

Дали манијата по бицепси кај мажите расте пропорционално со нивниот дух и со бројот на тетоважи или сѐ се сведува на изглед кој надополнува некоја друга празнина?

Посилниот пол претерува кога се мускулите во прашање како што понежниот пол  претерува со естетските операции на лицето. И тука и во Холивуд.

Фитнес, на кафе или на пиво?

Изборот е ваш!