Уште една „Дуинг бизнис“ влада
Здравко Савески
Министерството за труд и социјална политика се јави! Навистина се јави! Му требаше цела година за да поднесе измени на Законот за работни односи. Но тоа и немаше да биде толкав проблем ако ја искористеа оваа година за да предложат суштински промени со кои ќе ги укинеа намалувањата на работничките права на претходната власт. Наместо тоа, речиси сите предложени измени се или минорни или козметички. А, има и намалувања на работничките права!
Некој ќе рече, иако немаше измени на Законот за работни односи, го променија Законот за минимална плата. Да, го променија тој закон, но на таков начин што овозможија, преку нормираниот учинок, уште една можност да не се исплаќа минималната плата во практиката. А, минималната плата може на хартија да биде и 20.000 денари, но ако тоа не се почитува во практиката, малку значи. За среќа, Уставниот суд неодамна ги прифати претставките на Левица и на Сојузот на синдикатите и го укина нормираниот учинок. Па сега газдите конечно малку се вознемирија и бараат од владата да не ја почитува одлуката на Уставниот суд и да го врати нормираниот учинок. Каква дрскост! Какво непочитување на Уставниот суд!
Но, да се вратиме на предлог-измените на Законот за работни односи. Овој закон, најважен за работничките права, во претходниот четврт век властодршците и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ така го средија што веќе во него има малку реални права за работниците. Тој повеќе е закон за правата на работодавачите отколку за правата на работниците! Новата влада, во сопствената програма за работа, најави донесување на нов Закон за работни односи посветен на обезбедување вистинска заштита за работниците. Каде е тој нов закон? Да – го одложуваат неговото донесување за 2019, после ќе го одложат за 2020 година, а ако конечно се решат да го донесат, тоа сигурно ќе донесе некои минорни подобрувања на одредени права придружени со големи намалувања на други, посуштински работнички права. Оваа власт, исто како и претходните, е власт која му слугува на интересите на крупниот капитал. Во Собранието, повторно, нема ниту еден пратеник што ги застапува работничките интереси. Во таква ситуација ќе има само продавање магла. Срамот е за нас ако тоа им го дозволиме. Уште еднаш, по не знам кој пат!
Во предлог-измените нема ништо и од најавата во Програмата за работа на владата дека договорите на определено време ќе се трансформираат во вработување на неопределено време по шест месеци, а не како што е сега, дури по пет години. Нема ништо и околу многу-најавуваното родово сензитивно породилно отсуство. Зошто овие мерки, содржани во Програмата за работа на владата, не се дел од предложените измени на Законот за работни односи? Власта е должна да одговори на ова прашање. Ќе се осмелат пратениците во Собранието да ја прашаат? Или, ќе молчат, како Грујовите пратеници?
Уште во образложението на предлог-измените, „новата“ власт покажа колку е иста како старата. Една од главните мотивации за предлог-измените им бил извештајот на „Дуинг бизнис“. Па истата мотивација ја имаше и Груевски, секогаш кога намалуваше работнички права! За да се подобри ранкингот на Македонија на оваа листа – работникот ќе го плати цехот. Така размислуваше Груевски, а, гледаме, така размислуваат и Заев и Анѓушев. Со цел повисок ранкинг, тие сега сакаат да ја намалуваат должината на огласот за вработување од пет на три дена. Ниту Груевски ова не се осмели да го чепне! Но, за повисок ранкинг, тоа ќе го направат Заев и Анѓушев.
Од останатите измени особено револтира измената што се предлага во врска со детскиот труд. Наместо да се врати забраната на детскиот труд, што ја укина Груевски, она што се предлага е наместо четири часа дневно, детскиот труд да трае два часа дневно, но за време на училишен распуст тој да може да трае и шест часа дневно. Вака вие го замислувате подобрувањето на работничките права, повишувајќи го лимитот на ангажирање детски труд!?
Во редот на позитивните измени е повишувањето на платата на приправниците, од 40 на 70 отсто од основната плата на работното место за кое тие се оспособуваат. Позитивно е и намалувањето на должината на пробната работа, од шест на четири месеци, како и враќањето на претходното ниво на роковите за застареност при отказ. Но, тоа е премалку за една власт која за себе тврди дека е социјалдемократска! Ништо суштински не носат овие подобрувања.
Исчекор не носат ниту предлозите во врска со правата при технолошки вишок, а со кои власта сигурно ќе мавта, како нешто крупно да направила. Ќе ги повишуваат испратнините. На пример, при работен стаж над 25 години тие да изнесуваат седум наместо шест плати. Но, да го контекстуализираме ова подобрување. СДСМ, а не ВМРО-ДПМНЕ, беше партијата која во 2005 година највисокиот износ на испратнините го намали од осум на шест плати. Зошто СДСМ не го врати нивото на испратнините на нивото на кое беше пред тие да го намалат? Тие се должни да ги променат оние одредби со кои токму тие ги намалија правата. Истото се однесува на предлогот да се врати приоритетот за вработување за оние работници кои го изгубиле работното место поради технолошки вишок, кога газдата сака повторно да вработи работник на тоа работно место. Пред ВМРО-ДПМНЕ да го укине ова право, СДСМ во 2005 година ја намали должината за кој важеше приоритетот за вработување од две на една година. Па со предлогот да се врати приоритет при вработувањето од две години СДСМ го коригира сопственото намалување на правата по овој основ, а не воведува ново право.
За немањето волја на посуштински начин да се зафатат со враќање на изгубените права на работниците сведочат измените во однос на ноќната работа и годишниот одмор. И во врска со двете проблематики, предлозите се козметички. Кај ноќната работа, нема предлог да се врати нејзиното ограничување на максимум една недела. ВМРО-ДПМНЕ го укина ова ограничување во 2008 година. Па сега работникот може законски да биде принуден цела година да работи само во ноќна смена. Очигледно, за СДСМ тука нема ништо спорно! Во врска со годишниот одмор, СДСМ предлага само промена на формулацијата во законот. Според сегашната формулација, работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на 12 работни дена годишен одмор до крајот на тековната календарска година. Со измените се предлага наместо „12 работни дена“ да стои „две непрекинати работни недели“. А што правиме околу тоа што ВМРО-ДПМНЕ пропиша кој било дел од годишниот одмор, а не првиот дел, да има должина од 12 работни дена, што правиме околу тоа што правото на цел годишен одмор сега се добива со непрекината работа од шест месеци само кај ист работодавач, што правиме со отворањето можност годишниот одмор да трае и помалку од 26 работни дена? За таквите, посуштински намалувања на работничките права извршени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ не најде за сходно да предложи измена. Не најде за сходно да предложи ниту некое посуштинско зголемување на правата, како, на пример, исплатата на заработената плата да се врши до петтиот, а не до петнаесеттиот ден во следниот месец.
Како што може да се забележи, предлог-измените на Законот за работни односи не содржат ниту еден поважен исчекор во корист на работничките права. Напротив, содржат и намалувања на правата! Тие се уште еден показател дека ова не е влада во интерес на обичниот народ, туку влада во интерес на капиталот. Но, сè додека една бизнис партија доаѓа на местото на друга бизнис партија, вака ќе биде: тие ќе фрлаат магла, ние ќе го крпиме живoтот.