Слобода за пратеничката вечен патник


Ерол Ризаов

Специјалното јавно обвинителство треба веднаш да ја прекине постапката против пратеничката која поминала 235.000 километри, и шест пати го обиколила светот, целата планета, одејќи на седници на парламентот во Македонија, која се поминува со автомобил додека испиеш кафе и испушиш две цигари. За својата голема мака народната избраничка во повеќе мандати примила надомест од само сто илјади евра. Оваа срамота е заслужена казна за сите граѓани на Македонија колку големи егоисти сме испаднале, што олку малку сме платиле за огромната работа што пратеничката ја завршила возејќи се непрестајно со години, што на крајот станала инвалид. Сирота, заборавила да оди пешки.

Сите слободоумни луѓе и патриоти, студенти и средношколци што си ја сакаат таковината треба да излезат на улиците да ги блокираат сите судови и обвинителства во одбрана на пратеничката која ја возеше целата држава шест пати на пат околу светот. Во моментот кога пратеничката се подготвуваше сите да нѐ искачи на Марс и да нѐ провози во вселената се огласи специјалното обвинителство, странската непријателска инсталација која ги гони најголемите македонски патриоти, и на сите ни направи нова голема неправда да не летнеме во космосот засекогаш.

Треба да протестираме секој ден да се ослободи пратеничката од сите обвинувања, за светот да не дознае колкави овци сме биле со години и години. Најголемите светски хохштаплери, почнувајќи од оној што ги продал Биг бен и кралската Бакингемска палата во Лондон, оној што го продал мостот на Босфор, оној што го продал Панамскиот канал, оној што ја продал Ајфеловата кула сосе метрото во Париз ги собрале симпатиите на светот и на граѓаните на своите земји бидејќи докажале колку се глупави сите во земјите каде што може да се направат непречено вакви спектакуларни потфати. Нашата пратеничка влегува во плејоф-тимот на светските ајдуци која во земја од 200 километри извозила 235.000 километри и тоа го наплатила од државната каса 100.000 евра. Таа всушност е светски шампион поголем од сите остапбендери бидејќи тие ги изведувале своите операции за кусо време на различни места. Нашата шампионка цело време со години на исто место и истите луѓе ги надмудрувала држејќи говори во парламентот и на сите телевизии на очиглед на сите граѓани. Таков апашлак досега не е регистриран во светот, изведен во директен пренос пред целиот народ сосе обвинители, судови, полиции, парламент, претседатели, премиери, министри и два милиона овци кои блеат наредени пред кланица.

Го молам претседателот на државата, доколку не успеат протестите за слобода на пратеничката, под итно да прогласи аболиција за дамата која неправедно од политички причини се навредува. Сенародно е прифатливо претседателот во негов својствен стил да ја одликува нашата пратеничка за заслуги со „Златен венец“, односно со највисоко признание кое се доделува за најголеми остварувања во афирмација на татковината, дома и во светот. Ваков подвиг може да направи само голем јунак и патриот, но никогаш не треба да се заборават заслугите и на голем број македонски дејци кои овозможиле и создале поволен амбиент за достигнување вакви дела на кои можат да ни позавидат сите белосветски гангстери од највисок ранг.

Собранието на Република Македонија треба, исто така, со должна почит да го одбележи овој потфат со свечена седница и со јавно извинување, иако сите знаеле за успесите на пратеничката го одмолчувале тој висок дострел, завидувајќи ѝ на виртуозноста во исто време да биде на неколку места. Тоа е возможно кога имате возило кое всушност е времеплов и во секое време можете да бидете присутни на различни места.

Ова е добра поука да не се гњават и малтретираат по судови голем број македонски родољуби и заслужни граѓани кои се жртвувале себеси за доброто на својот народ и му направиле колективна евтаназија цицајќи му ја крвта како крлежи, пијавици и други паразити. Веднаш треба да се прекинат сите судски постапки против сите нив бидејќи навистина е голема неправда тие да се осудат кога најголемиот дел од соучесниците на општиот сенароден грабеж остануваат на слобода. Како може кој било од нив да се осуди кога за секое дело знаеле стотици луѓе во надлежни институции и за тоа си молчеле. Има злодела за кои сите во земјата знаат, за кои има евидентни докази и сведоци, ама нема сѐ уште никакви постапки. Што да ви кажам кога вака нѐ јаваат, нека нѐ јаваат.

Слобода за сите криминалци што се под заштита на народот и државата. Значи треба јавно извинување дека не се работи за терористи. Ве чекам и вечерва да го блокираме сообраќајот и да шишаме овци.