На Каевски сите му се криви


Неколку дена траат препукувања околу скандалот со збирката поезија со недолична содржина издадена од Агенцијата за млади и спорт. Директорот Дарко Каевски вели дека чувствува моралната одговорност, но вината ја лоцира во избраната тричлена комисија за која  вели дека требало да ги селектира песните што ќе одат во печат. Во меѓувреме, тој најави формирање комисија која ќе утврдува одговорност кај стручната комисија, како и поведување дисциплинска одговорност и суспензија на раководителот на секторот млади.

– Утврдивме дека постоело несовесно, нестручно, непрофесионално работење на неколку чинители кои имале активна улога околу конкурсот за издавањето на публикацијата „Млади поети“. Таквото однесување довело до објавување содржина која содржи елементи на родова и етничка дискриминација, на што АМС жестоко се противи. Надворешната тричлена комисија имала обврска да изврши селекција на пристигнатите творби и да постапи совесно, стручно и непристрасно, согласно позитивните законски прописи во земјава – рече Каевски на вчерашната прес-конференција. Според него, тие требало да ги разгледаат сите песни и да ги селектираат, и за таа цел секој од нив би платен по пет илјади денари.

Од друга страна, пак, членовите на стручната комисија велат дека тие биле ангажирани исклучиво за да одберат три најдобри песни од сите пристигнати за кои се доделува парична награда.Тихомир Јанчовски, кој е еден од членовите на стручната комисија, вели дека случајот добива политички размери.

– Ние бевме надворешна комисија која требаше само да ги одбере трите најдобри песни. Потоа, ние ниту селектиравме песни ниту сме ја уредувале таа книга во која има и песни и илустрации, како и насловни конструкции. Нас никогаш ниту ни се јавил некој ниту нè прашал за тоа кои песни да одат во печат. Немаме никаква врска со уредувањето на книгата и затоа немаме ниту намера ниту желба такво нешто да надоместуваме. Се вмешува и политика и директорот се обидува да ја префрли вината за да не се побара оставка од него. Верувам дека директорот не ја уредувал збирката. Но, треба да се утврди кој го ставил него да фигурира како уредник бидејќи знаеме дека уредникот одговара за содржините, така е и во медиумите – вели Јанчовски.Тој додава дека ги прочитале сите песни што пристигнале и веднаш била остранета онаа содржина за која сметале дека не е соодветна.

– Ние баравме само три најдобри песни и толку. Решението што го покажува директорот, во кое пишувало дека треба да се селектираат содржини, ние ниту сме го виделе ниту сме разговарале за тоа решение – вели Јанчовски.

Првично, Каевски велеше дека е потпишан како уредник на книгата „Млади поети“ по функцијата директор, за подоцна да каже дека не знаел оти ќе биде потпишан како уредник.

– Како директор не сум дал никаква писмена и усна согласност да бидам уредник, а притоа АМС не може да биде издавач на збирката поезија „Млади поети“, а овластеното лице не може да биде уредник за истата имајќи ги предвид нормите во Законот за издавачка дејност – рече Каевски.

Од издавачката куќа „Арс ламина“ при увид на материјалот утврдиле дека не бил доставен импресум, ЦИП, вклучително и соодветните податоци, како што се издавач и уредник.

– Во оваа комуникација со договорниот орган (АМС) настанало и недоразбирање поради кое како уредник е наведен директорот Дарко Каевски, за што очигледно тој не бил известен. Жалиме за настанатото недоразбирање и како реномирана компанија ѝ стоиме на располагање на Агенцијата да го разрешиме истото и доколку е потребно да се коригираат податоците по напатсвија на договорниот орган“, велат од „Арс ламина“.

АМС направила авторизација пред печатење

Фирмата „Арс Ламина“ имала склучен договор со Агенцијата за млади и спорт само за техничкото уредување и печатење на збирката, а претставници на Агенцијата го одобриле финалниот изглед пред печатењето.

„Во ниеден момент од ‘Арс ламина’ не се побарани издавачки услуги, туку исклучиво печатарски. Во таа смисла, според договорот, ‘Арс ламина’ технички ја уреди книгата и ја испечати, без никакво мешање во нејзината содржина. Претставниците од Агенцијата ги одобрија финалниот изглед и содржината на збирката пред нејзиното печатење“, велат од „Арс ламина“.

Во конкурсот стои: Секој автор ќе биде објавен во збирката

Во конкурсот за млади поети, кој е јавно достапен на веб-страницата на АМС, стои дека може да аплицираат сите млади со свои авторски творби, согласно утврдените критериуми и тоа: да се на возраст од 15 до 29 години, да немаат објавено збирки поезија и да достават најмногу две поетски творби.

„На конкурсот ќе бидат доделени три награди за најдобра творба, и тоа за прва награда се предвидени 20.000 денари, за втора награда 15.000 денари, а за трета награда 10.000 денари.Агенцијата за млади и спорт ги охрабрува сите млади луѓе на возраст од 15 до 29 години кои пишуваат поезија да ги достават своите дела на конкурсот. Истите ќе бидат оценувани од страна на комисија составена од членови на Друштвото на писатели на Македонија. Секој автор ќе биде застапен во збирката која ќе биде објавена“, се вели во повикот и се наведува дека авторите треба своите апликации да ги испратат по пошта или да ги достават лично.

Полицијата презема мерки за украдениот идентитет на Пиљакоски

Студентот од Ресен, Даниел Пиљакоски, се најде најмногу на удар на јавноста бидејќи токму неговото име стоеше како автор на спорните песни.

– Ќе се разгледува каков потпис имало на апликацијата во конкурсот каде што стои моето име бидејќи јас немам ништо потпишано, а можеби потписот ми е и фалсификуван – изјави Даниел за „Независен весник“.

Александар Блажевски (41), математичар од село Јанковец, Ресенско, за „Независен весник“ потврди дека тој ги пишувал песните и дека ја презема одговорноста.

– Песните беа доставени напишани рачно, таму ги читале, ги препишувале на компјутер. Зошто не ги отстраниле ако мислеле дека се спорни – вели Блажевски.

Во врска со тоа дека двете недолични песни се објавени под украден идентитет, директорот Каевски рече дека МВР веќе презело иницијатива во врска со ова и ќе дејствува согласно своите надлежности.

 

Ивана Настеска