Руските аргументи на Иванов


Ѓорѓи Спасов

Професорот Мерсал Билали е во право кога вели отприлика  дека денес „само човек што нема ум може да очекува дека претседателот на државата Иванов, во врска со решавањето на проблемот околу името, ќе се однесува со разум“.

Иванов кој направи сѐ за да го урниса правниот поредок во Македонија со аболицијата на обвинетите од СЈО, кој не го даваше мандатот на парламентарното мнозинство за да ја спречи промената на власта и кој не го потпишува Законот за јазици, кој веќе два пати го изгласа мнозинството во Собранието, не е способен да разбере што се случува денес на меѓународен план со Македонија.

Тој лицемерно повторува дека е за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, но ако условот за тоа е договореното име на нашата земја да биде и за внатрешна употреба, односно да биде внесено во Уставот на Република Македонија, тогаш тој не би се колебал Македонија засекогаш да остане надвор од НАТО и од ЕУ.

Русија која одамна и систематски порачува дека „во Македонија власта на Груевски била сменета со политички пуч организиран од Западот“, дека „не е намалена туку е зголемена опасноста од голема Албанија“ и дека „Македонија ќе биде легална мета на руските сили ако стане членка на НАТО“, исто така, како и Иванов, порача дека „таа не се меша во решавањето на спорот околу името меѓу Грција и Македонија“ што е услов за членство на Македонија во НАТО, ама дека ќе го признае само она име што ќе биде запишано во македонскиот Устав. Русија знае дека за  промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство во Собранието на Македонија, со кое засега не располага владиното мнозинство што ги води разговорите околу името. Така Русија ги охрабри и Грците да не прифаќаат договор без гаранции со промена на Уставот, но и ја исцртаа и црвената линија на Иванов која ако се помине ќе биде гаранција за неговото „право“ да ја блокира Македонија на нејзиниот евроатлантски пат.

Секако дека во Македонија сите ние би биле посреќни компромисното име да се користи само во меѓународната комуникација на земјата. Но реално, компромисот е можен само ако имате разбирање и за проблемите на другата страна во спорот и ако умеете да ја пресметате користа за својата земја и за својот народ во однос на штетата од таквото решение. Македонија избира меѓу не најсреќно решение и немање решение. Македонија за прв пат од независноста до денес има соговорник од другата страна, кој со посредство на Обединетите нации е подготвен со Договор за добрососедство и пријателство, во променети геополитички околности, да ги прифати за Македонија клучните одредници на современиот македонски национален идентитет како што се јазикот, името на земјата, придавката, кодовите и да ѝ овозможи членство во НАТО и во ЕУ, а со тоа и безбедност, мир и прилив на голем број инвестиции и економски просперитет. Македонија нема право тоа да го одбие или да ја пропушти добиената прилика.

Македонија денес е способна да се одбрани од сите оние кои нè плашат дека ако прифатиме и самите да се наречеме во Уставот (на пример) Северна Македонија, со тоа ќе сме го поништеле македонскиот национален идентитет и ќе сме станеле Македонци од Северна Македонија, а не од Целокупна Македонија која се протега и на југ и на исток и на запад.

Реално гледано само параноичниот страв од губење на националниот идентитет и погрешните политики низ годините во одбрана на тој идентитет, манипулативното користење на поимот идентитет за политички цели и трагањето по корените на некаков македонски национален идентитет  во античкото минато, во Паљурци  и кај свети Павле во сите изминати години, ја оддалечуваа Македонија од светската цивилизација и реално го загрозуваа тој толку посакуван идентитет.

Македонија можеби набргу ќе одлучува дали ќе донесеме одлука да ѝ се приклучиме на светската цивилизација и да станеме вистински граѓани на светот или ќе останеме изолирани со нашата уплашеност, со нашите стравови дека секој од соседите од нас нешто бара, нѐ уценува и сака да нѐ уништи.

Не сум убеден дека Иванов тоа може да го разбере.

Тој лично му ги правеше сите сопки на претседателот Борис Трајковски во врска со постигнувањето и имплементирањето на Рамковниот договор, се обидуваше да му фабрикува криминални афери на Бранко Црвенковски откако влезе во неговиот кабинет, а сега својата „руска црвена линија“  дека „не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес“ – ја брани со тоа дека „овој негов став бил конзистентен со ставовите на сите досегашни претседатели на Република Македонија“.

Иванов веројатно мисли дека со тоа се „ставил себеси во редот со Глигоров“ и дека својата позиција може да ја одбрани со флоскулата „така правеле и сите други пред мене“.

Но, тој не сфаќа каков голем исчекор направи Глигоров кога наспроти јавното мислење во Македонија, во 1993 година прифати Македонија да стане членка на Обединетите нации под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија и на какви притисоци беше изложен кога се согласи да се смени уставот по барање од Грција, да се промени знамето и да се потпише времената спогодба меѓу првата и втората страна. Некои и денес сметаат дека можеби тоа беше причината за атентатот врз него во 1995 година. Иванов не се сеќава на каква тортура беше изложен и Црвенковски од режимот на Груевски кога прв пат спомена дека за Македонија би била прифатлива географска одредница пред името, со цел да се реши спорот и Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ.

Само откако тој е претседател „ние ништо не даваме“, па дури ниту изјави со кои би ја загрозиле наша „преговарачка позиција“. Трагавме по античките корени на македонската нација, ги заостривме односите со соседите, се изгуби перспективата за НАТО и за ЕУ, а Иванов доби почесен докторат од Универзитетот „Ломоносов“ во Москва на кој одржа предавање за тоа дека „московјаните уште во античкиот период говореле македонски јазик“. Од него одамна имам слушнато дека лично е уплашен од „византијците“, кои уште од времето на Цар Самуил па до Глигоров секој обид за свртување на Македонија кон Запад го казнувале со ослепување. Нивната порака била: „Слепци. Местото ви е на Исток а не на Запад“. Е од таков човек лидер не бидува.

Неговата изјава дека „нема да дозволел со меѓународни договори да се менува Уставот на Македонија“, ако е точно пренесена, е бесмислена.

Уставот се менува не под диктат на меѓународни договори туку врз основа на слободно изразена волја на двотретинското мнозинство во Собранието, со цел да се оствари некоја важна цел во развојот на земјата. Пред потпишувањето на времената спогодба со Грција, ние сами го сменивме Уставот и ништо драматично не ѝ се случи на Македонија. А по потпишувањето на Рамковниот договор во Охрид, чие спроведување го гарантираа САД и ЕУ, исто така, го изменивме во голема мера Уставот и тоа доведе до поголема стабилност на Македонија. Оттука, не секоја промена на Уставот е лоша. И тој тоа може да го спречува само со флагрантно кршење и непочитување на Уставот, како што тоа го прави со непотпишувањето на Законот за јазиците.

Во време кога се разговара со Грција за динамика со која би се реализирал договорот ако биде постигнат, Иванов со изјавата дека нема да дозволи промена на Уставот под притисок на меѓународен договор е, всушност, упатување закана дека има намера одново да се стави над Уставот ако биде усвоен и ратификуван договор од Собранието со кој ќе биде предвидена и промена на Уставот.

Оттука станува јасно дека за руското мешање во внатрешните работи на Македонија не е потребен никој друг освен Ѓорге Иванов, на кого веќе во април следната година му истекува 10-годишниот мандат на таа функција.

Дали пред крајот на неговиот катастрофален мандат Иванов  ќе сфати дека има шанса да застане на вистинската страна на историјата, како што вели министерот Димитров, или ќе реши да остане алатка  во рацете на оние што не сакаат Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ набргу ќе дознаеме.

Тој е на позиција од која може многу да ѝ помогне, но и многу да ѝ наштети на својата земја. А можеби и ќе му се суди по направената штета и по завршувањето на мандатот, освен ако не измисли некаква  „аболиција за себеси до крајот на животот“.

Човекот не сфаќа дека и ВМРО-ДПМНЕ веќе пишува „Нов завет“ и дека Стариот не важи.

(Авторот е универзитетски професор)