Ригидна невработеност
Никола Поповски
Познато е дека во време на економска експанзија благосостојбата расте, а најважните економски индикатори се движат во позитивна насока – БДП расте, вработеноста и инвестициите исто така, надворешната трговија се зголемува, а невработеноста се намалува. Во време на рецесија, пак, е обратно. Ако економиите функционираат барем приближно по некои општи економски законитости, тоа ќе биде видливо и јасно не само за економистите, туку и за пошироката јавност. Сепак, исклучоци постојат.
Кога многу национални економии и светската економија во 2008/2009 година беа погодени од една од поголемите рецесии во последниве децении, најголем дел од економиите, особено пазарно ориентираните, реагираа скоро по учебничките правила – БДП и инвестициите се намалија, надворешната трговија доживеа драстичен пад, а невработеноста се зголеми. Одличен пример за тоа се земјите од Европската Унија. Нивната дотогаш ниска невработеност одеднаш почна да расте и од под 7 отсто во првата половина на 2008 година прво се зголеми до околу 9,5 отсто во текот на 2011 година, за потоа да се зголеми до, за ЕУ, фантастичните 11 отсто во почетокот 2013 година, со што доби карактеристики на типична циклична невработеност. По 2009 година, иако со многу анемичен раст на БДП, веќе во наредната година економиите излегоа од рецесија, но растот на невработеноста продолжи и понатаму во текот на идните 5 години, сè до 2013 година. Овој продолжен раст на невработеноста беше толку долг и релативно висок што многумина помисливме дека на сцена е феноменот на т.н. „хистерезис“ во економијата – појава кога цикличната невработеност се задржува на истото повисоко ниво и на подолг рок дури и по рецесијата и се заканува да се претвори во природна стапка на невработеност што ќе опстојува. Таа може да остане потрајно и да е определена од високата стапка на невработеност за време на рецесијата.
Но во случајот на економијата на ЕУ тоа не се случи. Нивната пазарна економија, иако со задоцнување, што се толкува како резултат на анемичниот раст по пострецесискиот период, профункционира токму онака како што се и очекуваше. Невработеноста првпат почна да се намалува во вториот квартал на 2013 година и оттогаш до денес, веќе последователни 5 години, постојано и упорно се намалува. Во јануари оваа година таа достигна 7,3 отсто со тенденција да продолжи да се намалува. Тоа е многу важно од најмалку три причини: прво, економијата на ЕУ покажува типично пазарно однесување, што е добро како тенденција во време кога многу важни економии во светот имаат сè помалку доверба во слободните пазари и слободната трговија; второ, институциите во ЕУ и во земјите членки покажаа дека, иако побавно и со одложено дејство, на среден и долг рок можат да се справат со некои од основните предизвици на економската политика, а тоа е да одржуваат ниска стапка на невработеност; и трето, сега веќе е очигледно дека феноменот на „хистерезис“ во економијата на ЕУ не се задржа од причина слична на првата – имено, како и вкупната економија, така и пазарите на трудот се покажаа дека не се ригидни туку флексибилни. Ова е многу значајно.
Но што се случуваше во истиот период со македонската економија? Таа покажа атипично и невообичаено однесување, веројатно многу стандардно за економиите во кои пазарните механизми не се пристојно ослободени и затоа изгледаат многу несигурно, па можеби тие се дури и оковани. Гледано од една подолга перспектива, македонската економија помина низ неколку фази на трансформација, проследени со неколку рецесии. Првата фаза на транзицијата започната во 1990 година траеше некаде до 1996 година кога економијата од многу, пред сè, неекономски причини, беспомошно тонеше. Втората фаза може да ја означиме онаа од 1997, па до 2002 година кога економските движења се стабилизираа, а третата фаза е онаа од 2003 до 2008 година кога економијата динамично растеше и се развиваше. Четвртата фаза кореспондира со светската криза и се одвиваше во периодот 2009-2012 година кога наизменично се случуваа години на рецесија и на низок економски раст. Петтата фаза започна од 2013 година и сè уште трае и таа се одликува со продолжен и релативно низок раст предизвикуван со закани за стагнација, како што беше во минатата 2017 година.
Наспроти ваквата динамика на вкупните економски активности, мерени преку движењето на БДП, на другата страна се случуваше нешто сосема неочекувано со движењето на невработеноста. Во Македонија таа како да е сосема независна од економските движења и од тоа дали економијата се наоѓа во фаза на умерен или динамичен раст, во фаза на стагнација или рецесија. Таа, доколку се потпреме на официјалните податоци, покажува сосема автономно однесување, што може да се протолкува на повеќе начини. Но прво да ја видиме нејзината динамика. Нејзиниот раст во текот на транзициските 90-ти години беше очекуван и логичен. Нејзиното стабилизирање во текот на фазата на стабилизација на економијата во 1997-2002 година е исто така очекувано и логично. Но тука очекувањата завршуваат. Во периодот на најдинамичниот раст на економијата во периодот 2003-2008 година, кога по сите параметри требаше да се очекува дека невработеноста, поттикната од динамичниот раст со стапки од 4,7 до 6,5 отсто годишно ќе почне да се намалува, таа продолжи да расте или да се одржува на високо ниво и во одреден момент надмина и 37 отсто. Нестандардното движење на невработеноста продолжи до денешен ден. Во годините на анемичниот економски раст, придружен со две рецесиски години (2009 и 2012), невработеноста продолжи да се намалува. Тоа продолжи и во наредните години, вклучувајќи ја и 2017 во која нашиот раст веројатно ќе гравитира околу нула отсто, односно ќе имаме стагнантна година. Последното мерење на невработеноста во третиот квартал на 2017 година покажа стапка на невработеност од 22,1 отсто.
Ваквите движења, сосема спротивни од теоретски и логично очекуваните, можеби имаат некакво свое објаснување, па дури и некакво маргинално економско објаснување, но за тоа во некоја наредна пригода. Важното е дека тие покажуваат нешто сосема спротивно на тоа што се случува во пазарните економии, на пример, онаа на ЕУ. Прво, веројатно пазарниот механизам во нашата економија сè уште е под сериозна пресија и економијата не покажува знаци на пазарно однесување во сите нејзини делови каде што тоа е нужно, а веројатно во Македонија особено е ригиден пазарот на трудот. Второ, може да се извлече погрешен заклучок дека нашите институции премногу лошо или премногу добро се справуваат со сериозните економски предизвици штом во услови на динамичен раст не можат да ја намалат невработеноста, односно во услови на рецесија и анемичен раст неа успешно и одржливо ја намалуваат. Трето, дали треба да се сомневаме дека во нашата земја на сцена е некаков феномен на антихистерезис, согласно кој во услови на рецесија нашата невработеност се намалува, потоа намалувањето продолжува и во услови на слаб економски раст, па повторно се намалува во услови на нова рецесија итн. сè до денес, со што добиваме состојба според која невработеноста се намалува на долг рок независно од економските движења. Тоа барем го покажуваат официјалните статистики во земјава.
Уште и ова: од 2005 година до денес, во период од 14 години, на некој чуден начин стапката на невработеност постојано се намалува за околу 1 процентен поен годишно, без разлика на сè што се случува. Така, од стапка на невработеност од 37 отсто стигнавме до 22 отсто. Ригидно намалување на невработеноста. Продолжуваме.