Референдум: Кампањата „за“ речиси ја збриша кампањата „против“


Слободанка Јовановска

Кампањата „за“ речиси ја збриша кампањата „против“. Иако и натаму поголем број од граѓаните не го сакаат договорот со Грција, тие што јавно водат битка да пропадне референдумот изминатата недела се најдоа на маргините на политичката сцена, па речиси и исчезнаа. Причината за тоа е едноставна – која е логиката да се спори договор што го поддржуваат сите светски лидери пријатели на Македонија, договор што ги отвора сите досега блокирани перспективи на државата, кој ветува можност за подобра иднина и кој ветува промена бидејќи, ваква каква што е денес Македонија, не прави среќна никого?

Она што му се случи на кампот „против“ изминатата недела слободно може да се оцени како дипломатско цунами кое го претвори во апсурд, илузија и фантазија секое противење да се гласа на референдумот, па и да се гласа против договорот со Грција. Колку и да се дипломатски неуки противниците на референдумот, не можат да прескокнат неколку очигледни порази за нивната политика.

Првиот е дека и десничарските лидери од Европа, најсестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ и најпосветениот на вмровската кауза Себастијан Курц дојдоа и рекоа – излезете и гласајте, тоа е за доброто на државата и за доброто на сите вас, тоа е најдоброто што можете да го добиете и без тоа немате розова иднина.

Вториот пораз е дека ни Виктор Орбан ни Реџеп Таип Ердоган, најблиските пријатели на шефот на државата Ѓорге Иванов, не излегоа да го поддржат во крстоносната војна против менувањето, според него, на идентитетот на Македонците, а излегоа многу други (како Албанија) со екстремно пријателски пораки кон европска Македонија.

Третиот пораз е дека ни лидерот за кој толку навиваа десничарските, националистички, антиимигрантски и тврдокорни кругови во земјата, претседателот на САД, Доналд Трамп, не застана против договорот со Грција и против референдумот. Уште повеќе, го поздрави и повика да се изгласа оставајќи ги тие што се противат на него без ниту еден сојузник на меѓународната сцена. Ако не му веруваат на Трамп, во кој толку се надеваа и го посакуваа, во што да се надеваат воопшто околу референдумот?

Четвртиот пораз е смешното руско замешателство преку твитер-порака деновиве, која според нивното толкување е против повикот на албанскиот претседател Илир Мета да се излезе на гласање, но во исто време не е против истиот повик од австрискиот канцелар Себастијан Курц, бидејќи со неговата влада нивниот лидер Владимир Путин има силна хемија и заеднички интереси.

Петтиот пораз е самиот „Бојкотирам“ кој не може да артикулира една сериозна причина против договорот ниту, пак, успеа да наметне некоја сериозна фигура која ќе го претставува.

Шестиот пораз е самата ВМРО-ДПМНЕ, која десет години играше на националистичка карта и сега има проблем како да му објасни на членството дека не може да биде на осамената страна на историјата и да го преземе товарот на партија која го ставила второто вето на Македонија за НАТО, ставајќи се на иста страна со некогашна Грција.

Седмиот пораз на кампот „против“ е што и влијателни фигури од неговите редови бараат јавно да се поддржи договорот со Грција и да се гласа на референдумот. И, што е најстрашно за Христијан Мицкоски и за Ѓорге Иванов, меѓу нив е автентичниот поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, политичарот кој ги вклучи идеалите за независност на Македонија во партијата и кој придонесе таа да се најде на овој пат денес. Политичарот кој го создаде ВМРО-ДПМНЕ на крилата на македонскиот национализам, но сега порачува јавно дека времето на таа политика одминало и дека Македонија има иднина само ако се европеизира.

Токму таа реалност, договор со Грција за името, договор со Бугарија за историјата и јазикот, влез на Македонија во НАТО и сè уште веројатно и во ЕУ, ќе биде смртниот удар за политиката на која се возеа и собираа поени политичари и партии во Македонија изминатите речиси три децении. Кампот „против“ знае дека ова е последната шанса да се спаси политиката на евтини поени, која работи за нив, иако ја слабее Македонија. Дека ако Македонија влезе во НАТО па во ЕУ, ќе нема со што да го хранат национализмот од кој живееја како богови досега.