Режимските новинари да молчат


Ерол Ризаов

Сопственици на медиуми, уредници и новинари, соучесници во инсталирањето на груевизмот, креатори, апологети и слуги на режимот затскриени зад божемни професионални стандарди, откако цели 11 години секојдневно ја деградираа професијата до дно и од неа направија пачавра, се обидуваат да се прошверцуваат како храбри праведници. На тоа немаат право, ни професионално ни морално, додека не ја признаат јавно својата вина, додека не им се извинат на јавноста и на колегите кои ги прогласија за непријатели и странски платеници и додека не ги платат гревовите и пред судот на честа и пред редовниот суд.

За време на владеењето на Никола Груевски секој што поинаку пишуваше и јавно настапуваше со осуда и критика на режимот беше ставен на листа за компромитација. Повеќе десетици новинари и јавни личности беа прогласени за предавници. Се случи нешто досега невидено и нечуено во светот, новинари, партиски перјаници им се закануваа јавно на колеги новинари дури и со смрт. Тие денес треба да се игнорираат со индигнација кога зборуваат за професионални стандарди, кога делат лекции за чесност, кога пишуваат и зборуваат за криминал и корупција, кога бараат одговорност.

Не смее да се заборави кои новинари и кои медиуми ги вадеа сликите на своите колеги и ги сатанизираа како предавници на првите страници, ги заокружуваа со црвени кругови и нив и нивните најблиски, ги коваа со шајки нивните фотографии на ТВ-екраните прогласувајќи ги за кодоши, хомосексуалци, платеници, нагласувајќи ја нивната различна национална и верска припадност, повикувајќи на линч. Со јазик на омраза и со тешки клевети, тие новинари се директни учесници во спрега со режимот во досега најголемото нарушување на човековите права и слободи, во уривање на општествениот поредок, во заробувањето и на медиумите и на целата држава од прогласување на независноста до денес. Со нивна поддршка Никола Груевски успеа да владее една деценија. Тие се учесници во злосторничките здруженија и затоа треба да седнат на обвинителна клупа заедно со своите наредбодавачи. На тие медиуми, на тие сопственици на телевизии, интернет-портали, весници, на сѐ што значи јавно гласило од тој сој треба да им се одземат правата да ја информираат јавноста.

Рака на срце има медиуми, новинари и колумнисти, иако секогаш во малцинство, кои се вистински припадници на професијата и со конзистентен став во целиот период на мачната и болна транзиција држејќи се строго до професионалните и етички норми. Не велам дека се безгрешни, но со нив можеме да се гордееме бидејќи се директни учесници во разобличувањето на мрачната политика и страховлада која ја уназади Македонија. „Бомбите“ на Зоран Заев, лидер на опозицијата, денес актуелен премиер, беа само потврда дека нивните текстови и јавни настапи се веродостојни, дека не биле странски платеници и непријатели, туку вистински новинари. Тоа денес е лесно докажливо бидејќи нивните книги и архивите на медиумите се полни со текстови кои се автентични сведоштва. И што е многу важно, ниту еден од мојата листа на професионалци никогаш не побара и не доби никаква привилегија од ниту една власт и влада ниту, пак, каков било надомест за штетите и понижувањата што им се нанесени. Тоа им го дава квалификативот на објективност.

Кога ги читате нивните критики на Владата и на премиерот Зоран Заев, за грешките што ги прави власта, тие не треба да се доживуваат како изедначување со злоделата на претходната власт. Бидете сигурни дека тие добро ги знаат разликите. Тие автори треба да се читаат како неопходна превентива никогаш повеќе во Македонија да не се повтори тиранијата.

Влада која има самодоверба не треба да се плаши од критики ниту, пак, да се успива од фалби.