Престанете да ги плашите граѓаните


Ерол Ризаов

Деновиве, додека тече мобилизацијата на македонскиот народ во одбрана на уставното име, на јазикот и на главните обележја на идентитетот и додека силно ечат партиските и интелектуални сирени за национално единство за спасување на Македонија, повеќе пати ми доаѓа на ум еден настан од пред 30 години кога се објави шокантната статија во весникот „Нова Македонија“ дека Македонците за 20 години ќе бидат малцинство во својата земја. Тоа е добар пример како не треба слепо да се верува на сѐ што нудат големите научни авторитети, особено кога се работи за национални, идентитетски прашања и во врска со нив толкувања на закони и устави, договори, декларации и одлуки. Таа тревога треба да се прима со исто толку резерви и воздржаност колку што не треба да им се верува на политичарите пред избори.

Секој ден под стрес и со силни емоции ги читаме најавите за збогување со идентитетот, името и со јазикот. Ако извлечеме поука од примерот подолу во текстот, бидете без гајле и по 30 години, но и многу повеќе, веројатно најдолго во Европа, без оглед на претстојните промени, ќе се сочуваат македонскиот идентитет, јазик и име. Тие работи не можат да се избришат од главите на луѓето ниту, пак, може јазикот да се откорне. Но, под еден услов, ако успееме да ја сочуваме државата. Тоа значи ако бидеме дел од Европа не само географски, туку и политички и економски, и ако бидеме рамноправни членки и сојузници на најголемиот воен и економски сојуз во светот, НАТО и ЕУ. Ако не успееме во тоа, воопшто не е непозната работа исчезнувањето на држави и сега во ова најново време. Мнозина од нас беа сведоци на распаѓањето на Југославија. Современата историја ги бележи тие процеси со студена фактографија и без голема возбуда. За почеток поставете си го прашањето дали ќе ја снемаше Југославија ако ги исполнеше критериумите да стане членка на НАТО и на ЕУ? Има ли таков пример меѓу членките на НАТО и на ЕУ од нивното основање до денес? Нема. Е, такво членство ѝ беше понудено на Југославија набрзина да прифати одредени промени, но победи национализмот, хегемонизмот, територијалниот интегритет, заштита на идентитетот, на јазикот, на историјата, на културното наследство… Се распадна во реки крв и војна една од најубавите европски земји, која во налетот на меѓусебна омраза не прифати дури да се разиде по мирен и цивилизациски пат со директен пристап на сите републики во евроатланските интеграции. Исчезна СССР, па што остана за Југославија и Чехословачка. Сите потрошени историски модели со силни устави и закони.

Но, да се вратам на настанот во Македонија од пред три децении. Познат и угледен универзитетски професор, одамна починат, голем авторитет за демографските движења со научни факти и статистички податоци ја крена на нозе нацијата со „несоборливи“ докази пресметани и толкувани од наталитетот на Албанците, како што тврдеше професорот, безмалку колку во Бангладеш. Буквално во Тетово и Тетовско се раѓале најмногу деца во светот по Бангладеш, во споредба со бројот на жители. Таа анализа дека за неполни две децении Албанците во Македонија ќе бидат мнозинство покрена цела лавина реакции и сериозни предупредувања. Почнувајќи од тоа дека е готово со Македонците, ќе бидат кираџии во својата држава, до барање на итни мерки за намалување на наталитетот кај Албанците. Се појавија повеќе текстови на познати интелектуалци, политичари, новинари кои ја искажуваа својата голема загриженост за иднината на нацијата, за губење не само на идентитетот, туку воопшто за големата опасност од исчезнување на македонскиот народ. Се отиде дотаму да се бараат законски ограничувања и дестимулирање на раѓањето повеќе деца кај Албанците и се разбира други геноцидни предлози кои Редакцијата не ги објавуваше. Работата стигна до централниот комитет на комунистите каде што, исто така, се отвори расправа за опасноста од големиот наталитет, за правата на Албанката и нејзината еманципација, да не биде фабрика за деца… Чинам дека не само Македонците, туку и Албанците и сите други што живеат во Македонија ја прифатија оваа високо „научна дебата“ како свршен чин, како готов факт, дека за 20 години Македонците ќе бидат помалобројни од Албанците во Македонија.

Еден ден ми пријде еден универзитетски професор од Машинскиот факултет, одамна покоен, затоа не му го спомнувам името, со кого се познававме добро и ме праша до кога ќе го плашите народот. Му велам за што се работи. Па, ова со Албанците ми вели, каква е таа математика дека за 20 години ќе бидат мнозинство. Мојата пресметка кажува дека ќе дојдат одвај до 20 проценти, ако се земат предвид и реалните претпоставки дека наталитетот ќе опаѓа и кај нив и кај сите други. Тогаш ни за 200 години не можат да бидат мнозинство. Бев шокиран. Реков професоре, дајте ова веднаш напишете го да го објавиме. Не, рече, тоа би ми направило многу непријатности и проблеми. Не можам сега во ваков амбиент да бидам Емил Зола. Па, тогаш како ќе се справиме со оваа заблуда? Ништо, рече, мое е да ви кажам, ако ништо друго, запрете го ова заплашување на граѓаните. Така и бидна, објавивме уште неколку текста имајќи ги предвид пресметките на професорот дека сепак се пренагласени проценките за крупни и брзи демографски промени и дека нема опасност за загрозување на опстанокот на македонскиот народ.

По 20 години од тие настани, Албанците стасаа до 22-23 проценти од вкупното население, а бидејќи одамна нема попис, сега веќе и не може да се одреди точната бројка, со голема веројатност поради иселувањето да биде и помала.

Сега повторно се тркала една таква заблуда низ Македонија дека со албанскиот јазик се крши Уставот, со поголема употреба од онаа што сега ја има и со изгласување на таков закон и се доведуваат во нерамноправна положба сите други јазици. Пријатно изненадува ваквата грижа за другите „помали“ јазици, но сиве овие години не слушнав и не прочитав од уважените легалисти и силни демократи, универзитетски професори ништо во одбрана на другите јазици, турскиот, српскиот, влашкиот, ромскиот, бошњачкиот и на други делови на народи кои живеат во Македонија. Да, во Уставот се пристојно застапени, ама во животот ги нема. Повеќето Турци, Власи, Срби и Роми не си го знаат мајчиниот јазик, или најчесто во пубертетот престанале да зборуваат на мајчин јазик. Во Уставот и законите нема забрана, ама во учебниците, во животот, во секојдневието има таков притисок врз другите етнички заедници и маргинализирање на нивниот јазик и култура за кој сега им текна здушно да се борат големите борци за изедначување на правата на другите народи и нивниот јазик. За вакво нешто немаат квалификатив на објективност ниту, пак, научен и легалистички пристап само поради една работа, досега за тоа не спомнале ниту еден збор. Напротив, и кога се уриваа и минираа историски зданија и културни споменици под заштита на државата, угледните професори и научници, сега многу бучни, тогаш и потоа, сѐ до вчера, колективно и срамно молчеа. Барем да се јавеа за зголемување на употребата на македонскиот јазик, што е од несомнен интерес за сите, како комункациски код со кој сите што живеат во Македонија се разбираат меѓу себе. Ако ништо друго, ќе ги мотивираа и Македонците и другите етнички заедници подобро да ги научат и македонскиот и својот мајчин јазик.