Пожарот во бразилскиот музеј: Буџетскиот дефицит е виновен за катастрофата


БРАЗИЛ (Би-би-си) – Службите во Бразил обвинуваат дека причината за големиот пожар што го уништи Националниот музеј е недостигот на средства. Една од најголемите антрополошки и природонаучни збирки во Северна и Јужна Америка беше речиси целосно уништена во завчерашниот пожар во Рио де Жанеиро.

Тука спаѓаат и останките на жената позната како Лузија, најстарите останки најдени во Латинска Америка, стари 12.000 години. Исто така имало и низа поплаки за запуштеноста на музејот стар 200 години.

Пожарот почнал во неделата вечерта, откако завршило работното време во градбата од 19. век што некогаш била кралска палата. Причината за пожарот не е утврдена, но бразилските медиуми го цитираа министерот за култура Серхио Са Леитао кој рече дека можеби пожарот избувнал од хартиен фенер што слетал на покривот.

Нема повредени, но изгореа повеќето од над 20 милиони артефакти во музејот. Са Леитао рече дека ова е трагедија што можеше да се избегне, но дека ќе почнат напори за обновување.

Професор Пауло Бакап, експерт за ихтиологија во музејот, дошол во 19 часот и 30 минути по локално време и тогаш деловите од зградата каде се чуваат животинските примероци уште не биле зафатени од пожарот.

Жално е, ама пораникарите не беа во позиција да сторат нешто, да се борат некако против стихијата“, рече тој.

Немаа вода, немаа скали, немаа опрема. Презедовме иницијатива да почнеме да спасуваме што можеме. Моравме да кршиме врати. Војниците ни помагаа да изнесуваме предмети.“

Професорот јурнал во зградата во пламен за да ја спаси неговата обемна збирка мекотели и успеал да спаси неколку илјади примероци, што е сепак само мал дел од збирката.

Не знам колку десетици илјади инсекти и членконоги животни се уништени. Многу ми е жал за моите колеги, некои од нив работеа тука 30, 40 години. Сега сите докази за нивниот труд се изгубени, а и нивните животи изгубија смисла.“

Заменик-директорот на музејот Луиз Фернандо Дијас Дуарте, изрази „неизмерен гнев“ и ги обвини бразилските власти дека „не обрнале доволно внимание“.

Се боревме со години, со различни влади, да добиеме средства за да можеме соодветно да зачуваме сѐ што беше уништено денес.“

Вчераутро се собраа демонстранти пред портите на Музејот и протестираа против намалувањата на буџетот, што според нив е причината за пожарот. Полицијата ги растера со солзавец.

Обемна и важна поставка за диносауруси, што беше присилно затворена поради наезда на термити пред пет месеци, неодамна повторно беше отворена благодарение на јавна кампања за собирање средства.

Библиотекарот на Музејот Едсон Варгас да Силва за локалните медиуми изјави дека градбата имала дрвени подови и многу предмети што горат многу брзо, како документи на хартија.

Музејот, најстариот во Бразил, е под управа на Федералниот универзитет на Рио де Жанеиро и федералната влада во изминативе години се мачеше со значаен дисбаланс на буџетот.

Роберто Робадеј, портпарол на Противпожарната служба на Рио, за новинската агенција „Асошиетед прес“ изјави дека хидрантите најблиску до музејот не биле во функција и дека пожарникарите морале да влечат вода од блиското езеро.

Бледожолтата градба уште стои, но прозорците се изгорени, покривот го нема и внатре сѐ е јагленосано.

Што имаше во музејот? 20 милиони артефакти, меѓу кои фосили и коски од диносауруси.

Главната атракција за многу посетители беше „Лузија“.

Друга популарна поставка беше метеоритот Bendegó тежок повеќе од пет тони, најден во регионот Минас Жераис во 18. век. На фотографиите снимени по пожарот може да се види дека метеоритот не настрадал.