Од Скопје до Приштина по новиот автопат ќе се патува за помалку од еден час


Со изградбата автопатот Скопје-Блаце и негово поврзување со автопатот Приштина-Блаце, чија изградба е во тек, временското поврзување меѓу Скопје и Приштина ќе се намали од преку два часа на помалку од еден час.

Ова го истакна денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, кој претседаваше со првиот Министерски состанок, на кој се разгледаа можностите и се идентификуваа првичните чекори за навремена подготовка и реализација на проектот за изградбата на патниот правец Скопје – Блаце.

– Проектот Скопје – Блаце е комплексен проект со кој се предвидува изградба патна инфраструктура по сложен терен на кој е предвидена изградба на неколку тунели и мостови, аквадукти и други придружни елементи. Со изградбата на овој автопат и негово поврзување со автопатот Приштина – Блаце, чија изградба е во тек, временското поврзување меѓу Скопје и Приштина ќе се намали од преку два часа на помалку од еден час, изјави Османи.

Го потенцираше значењето на овој проект во насока на регионално поврзување на Република Македонија, што претставува и еден од носечките столбови на евроинтегративниот процес на земјите од Западниот Балкан.

– Автопатското поврзување со Приштина претставува проектот од исклучително значење за економското, социјалното и културното поврзување на Република Македонија со регионот, изјави Османи.

Додаде дека во рамките на приоритетите на Владата за автопатско поврзување со соседните главни градови, изградбата на патниот правец Скопје – Блаце е еден од најзначајните проекти за поврзување со Република Косово, што, пак, претставува и еден од најзначајните економски и трговски партнери на Република Македонија.

Во продолжение, Османи им ја пренесе на присутните информацијата и за напредокот на изградбата на автопатот од косовска страна до Приштина, на кој забрзано се работи, и за што предложи поблиска комуникација со инвеститорите на Косово, за координација на активностите од двете страни на границата.

На средбата беа усвоени повеќе заклучоци, меѓу кои и за итноста на реализацијата на средствата обезбедени од ИПА инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан“, со кој се одобрени и обезбедени 1.300.000 евра во насока на подготовка на неопходната документација за проектирање.

Поради стратешката важност на проектот, и неговата комплексност, Владата формираше Министерска работна група, во која, покрај Османи како претседавач, членуваат и вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и директорот на Јавното претпријатие Македонија Пат, Гајур Кадрију.

Покрај Министерската, формирана е и техничка работна група, во која членуваат технички лица и експерти од соодветните ресори кои се задолжени за реализација на проектот Скопје – Блаце.