Од косовските царини најмногу губи Македонија


Сања Наумовска

Македонските земјоделци дневно губат по 230.000 евра поради зголемената царина за увоз на земјоделски производи што ја воведе Косово. Деновиве ниту еден шлепер со наше овошје и зеленчук не поминува на македонско-косовската граница. Производите останаа на нивите или на кванташките пазари, а во екот на производствената сезона нашите производители го губат еден од најдоходовните пазари. Царината за увезеното овошје и зеленчук од сите земји од кои Косово увезува од 17 јули е зголемена за 30 отсто. Мерката ќе трае три месеци, до средината на октомври, а опфаќа 21 земјоделски производ.

Дали ќе продолжат да пласираат стоки на овој пазар и да платат и над 2.000 евра давачки за еден камион, за разлика од 800 колку што плаќале досега или, пак, воопшто нема да извезуваат. Тоа е изборот што им е наметнат со едностраното решение од Косово, кое земјата го воведе ненајавено, без да испрати претходно известување, иако тоа е обврска што ја налагаат меѓународните договори за слободна трговска размена. Затечени, македонските земјоделци немаат време за наоѓање нови пазари за своето производство. Договорите се направени одамна, а производите се сезонски и со многу краток рок на траење.

Ставени пред свршен чин, многу е извесно дека штетите што ќе ги избројат ќе бидат огромни. Трудот им пропаѓа пред очи, заработка нема да имаат, а што е најлошо на повидок нема ниту решение за излез од состојбата. Повеќе од една недела им требаше на министрите на засегнатите држави да договорат средба на која ќе бараат решение за царините што ги воведе Косово. Средбата на Љупчо Николовски со колегите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина – Расим Љајиќ, Драгица Секулиќ и Мирко Шаровиќ ќе се случи утре, кога се очекува тие да договорат заеднички став. В петок е најавена и средба на Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши со косовските колеги.

Но ништо од ова не мора да значи дека брзо ќе се донесе решение. Ниту, пак, дека тоа ќе биде поволно за земјоделците. Косово деновиве ниту еднаш не најави дека размислува за повлекување на мерката за времено зголемување на царините за 30 отсто. Очигледно не го заплаши ниту најавите за воведување на контрамерки ниту, пак, објаснување кое од Косово го побара Европската комисија ниту, пак, информацијата што беше испратена до Секретаријатот на ЦЕФТА.

Ова Македонија, во друштвото на земјите погодените од оваа мерка, ја прави најголемиот губитник. Размената со Косово со години наназад е во наша полза, за првите 6 месеци од годинава сме извезле стоки вредни 100 милиони евра, а сме увезле за 15 милиони евра. Само извозот на овошје и зеленчук за овој период е тежок над 40 милиони евра. Косово од Македонија најмногу увезува јаболка, пиперки, грозје, домати, друг вид пиперки, кромид, краставици, зелка. Дневните количини на извезени сезонски земјоделски производи оделе и до 100 тони. Меѓу најпогодените македонски производи, според Министерството за земјоделство, се доматите, пиперките и сливите. Врз основа на овие бројки, може да се преброи и штетата на нашите земјоделци за изминатава недела.

Заштитната мерка за која се одлучи Косово многу повеќе им наштетува на економските врски на земјата отколку што го штити домашното производство. Напротив, зголемените царини задолжително ќе донесат и повисоки цени за косовските купувачи, па останува прашањето, чиј е интересот за ваквата мерка. Да се нанесе загуба на едната страна не е ниту во интерес на заложбите за слободен пазар и проток на стоки меѓу земјите. Од сите решенија, најпосакуван исход е Косово да ја повлече спорната мерка. Но македонските власти не смеат да дозволат да чекаат предолго. Мора да бидат подготвени да реагираат и побрзо и поагресивно и да ги заштитат своите производители.