Верба во себе и во своето магаре


Ерол Ризаов

Мислам дека нема граѓанин на Македонија во изминатите 25 години кој барем еднаш не посакал да им се заблагодариме на ЕУ и на НАТО, на Америка… и на сите наши мили и добри комшии, особено на Грција, за „грижата“ што ја искажуваат за нашата иднина и за помошта што ни ја даваат. Јас тоа сум го посакал најмалку сто пати. Да им кажеме онака по нашки, со курназ насмевка и со здрав цинизам, дека не сакаме ништо да менуваме што е наше ниту, пак, сакаме нешто што е нивно. Да им речеме јасно и гласно – гледајте си ги вие вашите маки и проблеми, оставете нѐ нас на мира, ние ќе си ги гледаме нашите гајлиња. Кога ќе ви требаме, или кога ќе посакате да бидеме во вашиот клуб рамноправни сојузници и партнери, поканете нѐ учтиво како што е редот по бон-тон. Го знаете нашето име и презиме, ја знаете адресата, јавете се, а ние ќе измериме дали ќе ви се приклучиме и за тоа навремено ќе ве известиме.

Е, каков мелем на душата би било ова, која гордост и достоинство би бликнале низ градовите на Македонија. Тоа би било големо „ноу“, „нон“, „њет“… поголемо „не“ од она што Тито му го кажа на Сталин 1948 година. На Грција нема да ѝ речеме „не“, оти тоа кај нив значи „да“. Можеби и поради тоа никако да се разбереме со векови што е „да“, а што „не“.

Да, кажано на македонски, оваа кратка радост да се рече „не“, пред сѐ е поради неправдата, протекционизмот, себичноста, ароганцијата, непочитување на меѓународното право и цивилизациските вредности на самоопределување, сето тоа од позиција на сила и вечните интереси на големите. Веднаш по овој сон со отворени очи, кој кај здраворазумските луѓе обично трае неколку минути, настапува соочување со реалноста и со политиката и со односите на силите. Тогаш работите стануваат многу поделикатни и не можете да блефирате дека сте нуклеарна велесила, или дека имате големи природни богатства, или дека имате пристојна, независна, добро стокмена демократска и успешна држава, каде народот живее добро, каде граѓаните се задоволни и среќни. Ако немате ништо од тоа, ако за 27 години не сте успеале да ја надградите земјата над тоа што ви ја оставиле во наследство предците за што дале 20.000 жртви, вие сте практично истипцан комарџија кој откако го уништил своето семејство, уште игра со позајмени и туѓи пари да се поврати и да дојде на себе. Затоа овие денови повиците да се впрегнеме во сопствени сили и да ги завршиме работите кои никогаш не сме ги завршиле, а многу од тие работи не сме ни почнале, ми наликуваат на изреката да имаме верба во себе и во своето магаре кое стои на сред мост, не мрда ни за жива глава, ни напред ни назад. Тоа се вика магарешки инает.

Советите што доцнат 25 години ми личат на патокази во пустина за патека која не постои. Не затоа што не се точни тие заложби, напротив тие се извонредни, туку затоа што тие се општо познати и се во партиските и во владините програми на сите кои управувале со оваа кутра држава, сите кои одлучувале за проекти, за инвестиции, за задолжувања, кои ветувале побрз развој, подобар и поквалитетен живот, подобро образование, демократија, владеење на правото, почиста и поздрава човекова околина, ни ветувале добра инфраструктура, европска администрација, евроатлантски интеграции, добри односи со сите соседи и со сите велесили, со целиот свет, ни ветувале работа и сѐ што ѝ треба на оваа земја да стане рајска градина, која се поминува со автомобил со половина резервоар гориво и додека испушиш две-три цигари. Од таа светла иднина, досега нема ништо.

Потрошени се милијарди евра пари на граѓаните, задолжени се до гуша и идните поколенија, а сѐ уште нема остварено ни една стратегиска цел за која се залагаат тие што ветуваат дека ако пак дојдат на власт ќе ја спасат Македонија. Магарето што стоеше на сред мост одамна пцовиса, што од инает, што од глад. Првпат по 27 години се појави ново магаре кое сака да тегли напред и не сака да стои на мостот. Е, тоа е веќе голем проблем, воопшто не е магарешки да се нема тврдоглавост и инает. Поминувањето од другата страна на мостот станува предавство, невидена брука и срамота, страшно понижување, голема опасност да ја изгубиме магарешката позиција и традиција. Зошто да се брза на другата страна кога може да се остане на среде мост, ни таму, ни ваму. Од другата страна на реката има многу непознаници, што е неприфатливо и многу опасно заразно. Тоа може да значи нов почеток и откривање на многу заблуди и лаги.

Уште немам прочитано и слушнато некое рационално објаснување како изгледа човек со изгубен идентитет во 21 век, во мир и во демократско општество. На кое име ќе се одѕива тој човек, на кој јазик ќе зборува, дали тоа ќе биде истиот човек, или некој друг. Може ли некој доктор, или експерт за изгубени идентитети да објасни што се случува со луѓето на кои им го зеле идентитетот и дали тој воопшто може да се одземе. На пример, што им се случува на луѓето кои зеле друго државјанство.

Познат психијатар ми вели дека идентитетските прашања кај нас станаа групна нарцисоидност, која создава еден многу опасен феномен на солидарност и кохезија на една одредена популација. На ваков начин „созреаната група“ на која ѝ се вбризгува дневно трипати голема доза на идентитет, станува многу лесна за манипулација и злоупотреба. Таа толпа ништо не може да ја сопре, особено кога ќе се појави и градацијата фанатичност и фанатизам, како еден од најкарактеристичните симптоми на колективната нарцисоидност. Таа се создава многу лесно. Потребно е само да се најде погоден идеолог кој ќе ги формира паролите што ја предизвикуваат групната нарцисоидност. Најчест мотив се националната самобитност, националниот идентитет, нацијата и нејзиното постоење како идол и светост. За жал, вели докторот, сите знаат од поодамна дека апсурдот ќе ги уништи и едните и другите, но сепак тргнуваат по патот на ирационалноста. Разумот едноставно исчезнува. Така, заштитниците на националниот идентитет предизвикуваат масовна хистерија која повеќе не може да се контролира што на трагичен начин се виде на 27 април лани во Собранието на Македонија.

Има ли лек. Одговорот е „да“. Тие се во рецептите напишани во поглавјата на ЕУ. Тешката работа е најдобар лек против хистерија и церебрална атаксија на националниот идентитет. Со јазикот нема проблем што и да се случи, пак ќе зборуваме на истиот јазик како и досега.