Некултурата како животна филозофија


Звонко Давидовиќ

Рано утро, градот полека се буди сè уште обвиткан во ноќ и го чека денот за да зоврие како во кошница. Ѓубреџиите ги трескаат контејнерите празнејќи ги онака како што се научени, пола во камион, половина околу контејнерите и ги враќаат како ќе им дојде во тој миг, дел на улица, дел на тротоар. Само што си заминаа, се слушаат штиклите на комшиката која прва оди на работа и како да ги чекаше ѓубреџиите да си заминат, фрла две три кеси ѓубре, кое утре наутро ќе го соберат. Како по договор уште неколку комшии излегуваат со полни кеси ѓубре. Денот почна на истиот начин како и секој друг ден.

Се симнувам по скали одбегнувајќи го лифтот, не заради утринска фискултура туку заради сопственото здравје. Смрди во лифтот толку многу што ти солзат очите од ѓубрето кое истекло од кесата и повраќаниците на комшиското дете, а родителите, или оној со ѓубрето, ниту имаат метла ниту желба да го исчистат она што би требало.
Ја отклучувам заедничката подземна гаража провирајќи се низ мебелот кој комшијата го исфрлил од дома и не му треба, ама за „не дај боже“ да не затреба го чува складиран веќе неколку месеци во ходникот кој води до гаражата. Забележувам дека некако потешко доаѓам до вратата и сфаќам дека на колекцијата мебел е додадена и машина за перење и еден бојлер. Некој се подновил, честито.
Влегувам во гаражата и ме удира мирис на мемла, не е ни чудо, затоа што по секој дожд гаражата можеме да ја користиме како базен. Солидно изградена зграда и изолација, водата не понира никаде, барем темелите се сигурни.
Излегувам од гаражата и градот со својот вистински хаос допрва ме чека. На пристапната рампа паркирани возила така што не можеш ни со велосипед да поминеш, а паркинг-местата зад зградата празни. Но, ги разбирам јас комшиите кои вака паркираат, далеку е од зад зграда да дојдеш до влезот, цели 20 метри. По 10 минути, се појавува еден од комшиите, намќоросан што мора да го тргне автомобилот толку рано, нема уште осум.
Успевам да се докопам до главната улица, три ленти, булевар, возам цели 300 метри и наеднаш колона, нема семафор, нема полицаец што регулира, ама сите стојат. Гледам дел од возачите со телефоните во раце читаат вести од порталите, некој е на Фејсбук, а дел од нив богами и вистински весник одвиткале на воланот и читаат. Се изначудив на ваквото колективно читање затоа што знам дека кај нас пишаниот збор и книга не се ценат многу, ама по 15 минути ми стана јасно од каде оваа желба за пишаниот збор. Тепаат време, што би рекле на нашиот толку критикуван скопски разговорен јазик кој во градов сè помалку и се зборува и се слуша, затоа што половина час не се помрдна колоната. Во наредните 30 минути тргни-застани, тргни-застани, поминавме цели 200 метри и сфаќам дека општинскиот татко, а и градскиот го реконструираат булеварот во октомври, и тоа две ленти од трите. Хаос од возила зголемен со безобразните итроманци кои се бутаат од сите страни сметајќи се најверојатно за најумни не приметувајќи го своето и сообраќајно и домашно невоспитание. Ми текна за бабиците, ама овде важи за градските татковци – многу татковци, килав град – но ако добро размислам што сè му направија на градот, овие и претходните татковци мора да се очуви, а ние посвоени.
Река од возила, свирки, пцости, мавтања со раце, среден прст, од сè понешто ќе видиш во возачката комуникација зачинето со пешаци кои скокаат помеѓу возилата како дивокози и велосипедистите кои спринтираат меѓу возилата по улица, често качувајќи се и по тротоар растерувајќи ги насобраните пешаци.
Доаѓам до паркингот за кој имам платена налепница, но налепницата ја имам, ама автомобилот немам каде да го паркирам, нема место. Нормално дека нема кога неколку автомобили се паркирале и зафатиле две паркинг-места. Кружам уште 20 минути и наоѓам место на паркинг на кој морам да платам бидејќи налепницата не ми важи, од конкурентската фирма е.
Се паркирав и од возач станувам пешак, и не знам што е полошо. Чекам на пешачкиот премин не ризикувајќи да преминам надевајќи се дека некој ќе застане, затоа што една бабичка ме разубеди во истото. Само со голема вештина и две три гимнастичко акробатски фигури успеа да ја премине улицата неповредена, а јас таа вештина и нејзината гипкост ја немам. Среќа за десетина минути се намали протокот на возила, па успеав да ја преминам улицата. Чекор-два и скок во лево, затоа што наместо тротоар зјаји огромна дупка ископана за темели на зграда која нема одобрение. Тамам ќе помислиш дека патот до канцеларијата ти е отворен, налетуваш на брдо со песок на тротоарот, материјал спремен за градба на зграда со одобрение за која допрва ќе се ископа дупка за темелите, а ќе се ископа и тротоарот и улицата.
Стигнувам на работа, испотен жива вода, кал до коленици, тегет сакото добило сива нијанса, пулсот 150, сиот се тресам како да сум учествувал на воени вежби. А денот одвај почнал, допрва ме чека бирократија, тупавост, мрзоволност и мрзливост на сите оние зад шалтерските стакла или бироата каде што хаосот е поголем и од оној на улиците, а акробатските способности не ти помагаат. Ако не во друго, ама во уметноста на преживувањето сме светски шампиони, и тоа во игра без правила односно во игра каде што секој сам си ги определува правилата. И така секаде, на секој чекор, во секоја област на живеењето не се почитува ниту едно правило, дрскоста и безобразлукот владеат, а некултурата е основен предуслов со кој се гордеат оние со плиток ум и исто таква животна филозофија.