Невеста


Лејла Сабит

Еднаш, двапати, трипати… или никогаш.

Како на филм, опеана, насликана, прераскажана или копирана.

Скромна, гламурозна, кич или бегалка.

Анонимна, славна, галичка или холивудска.

Во младоста, на зрели години или во староста.

Спонтано, планирано, на слепо или договорено.

Од љубов, од инает, заради потомство, да не ве зборат или да не се брука семејството.

Во анонимен или во дизајнерски фустан.

Купен, позајмен или подарен.

На рамно, на штикли или боса.

На интимна или на голема свадба.

Тука, во странство или на егзотичен остров.

Подготовките траат повеќе од чинот кога велите: Да!

Радоста ја заменува диета, диетата ви создава нервоза, изборот на локација, венчаница, и список на гости ве заморуваат, а уморот завршува со неизвесност.

И што по свадбата?

Животот продолжува, како и муабетите.

Невестата беше убава, ама венчаницата не ѝ одговараше.

Младоженецот не е баеги постар од неа?

Видовте, кумата не престана да јаде и да игра!?

Аууу, не сакале да живеат во заедница, поубаво им било под кирија!

Што? Кога се земаа, кога се разведуваат?

Спомените од свадбата некогаш се чуваа во албум, а сега се споделуваат на Фејсбук и на Инстаграм. Како и озборувањата.

Биди невеста, и сѐ е можно!