Не собираат само болните пари за лекување: Гинекологија бара донации од граѓани


Клиниката за гинекологија и акушерство отвори донациски броеви на двата мобилни оператора, на кои граѓаните можат да донираат по сто денари за клиниката. На својата фејсбук-страница Клиниката објави фотографија на која објаснува дека броевите 143-476 на „Оне.вип“ и 143-333 на „Телеком“ се во рамки на донаторската кампања „Сите ние, пријатели на бебињата“.

Многу клиники и болници се опремуваат преку донации. Главни донатори се поголемите компании, кои со вложување во заедницата покажуваат општествена одговорност. Во поретки случаи, позначајни донации во апаратура или опремување на простор во болниците дадоа и нашинци што живеат и работат во странство. За помали акции, за поединечни и конкретни цели, се ангажираа и граѓани и невладини организации. Но досега не било вообичаено државна или јавна институција да отвори телефонски линии за да донираат и физички лица.

Од Клиниката велат дека станува збор за истата кампања која почна на 17 ноември минатата година, на одбележувањето на Светскиот ден на предвреме родените деца.

– Сметаме дека овој начин на објава на кампањата е подостапен. Затоа и ги објавивме броевите на нашата страница. Сите ние како јавни институции имаме ограничени ресурси, а донациите ќе забрзаат да ги исполниме целите што сакаме да ги исполниме. Освен преку годишниот буџет, финансирањето на нашата институција е целосно легитимно и на други начини – велат од Клиниката за гинекологија.

На прашањето колку пари се собрани со оваа акција, од Клиниката велат дека за сумата ќе мора да го почекаат шестмесечниот извештај. Тогаш ќе се види колку пари собрале и што од потребните апарати ќе биде купено. Планирано е да се обноват креветчињата за бебињата и да се набават посебни грејачи за новороденчињата, пулсоксиметри, аспиратор за интензивната нега…

Лани, кога почна кампањата, „Пивара Скопје“ целосно го опреми одделението за интензивна нега каде што се згрижуваат мајките по породувањето.

С.С.З.