Музика


Лејла Сабит

Звучи како мала ноќна, дневно-политичка или како музика за високите политички кругови.

Зависи од вашиот слух, музички вкус, дали намигнувате со десно или со лево око, дали гледате напред или сте заробени назад, дали слушате класика, народна, рап, поп, рок или аренби, домашен или странски избор.

Во Македонија нема веќе добра или лоша музика, има само подобна и неподобна музика, субвенционирана или игнорирана, потценета или преценета, добро платена или лошо испазарена.

Сѐ беше музика додека политиката не ги замеша прстите и место ѕвезди и пејачи добивме патриоти и предавници, место обединета – поделена естрада.

Добриот глас далеку се слуша, ама звукот на парите ги компонира најдобрите македонските рефрени за кои времето ќе покаже дали ќе станат евергрини или ќе паднат во заборав.

Македонија има таленти, добри композитори, ревносни промотори, одлична публика, расположени спонзори, но многу малку добри песни, мал број објавени албуми и спотови, нехаризматични пејачи и ѕвезди кои живеат на стара слава.

Кој е сега крив што не знаеме да се радуваме на успех и да славиме кога можеме да плукаме, да омаловажуваме и да бојкотираме!

Светските и регионалните ѕвезди и натаму ќе ни ги полнат салите и ќе ни ги трошат парите, а за нашите таленти ќе навиваме во шоу-емисиите од соседството.

Музиката е како животот. Може да ве развесели, да ве растажи, да ве орасположи или да ве допре во срцето, но никогаш не може да ви здосади.

Затоа, дајте добра музика, престанете со политичкиот шунд!