Маките на Самарас и на Груевски


Ерол Ризаов

Андонис Самарас, поранешен премиер на Република Грција, одамна многу добро познат во нашата јавност со неговите радикални ставови за името на Македонија, му стегнал тужба на актуелниот премиер Алексис Ципрас поради клевета за наводна вмешаност во корупциска афера. Ова е добра идеја и поранешниот премиер на Македонија да поднесе тужба против премиерот Зоран Заев заради политички прогон и малтретирање, бидејќи Груевски секој ден оди на суд. Големи се маките на поранешните премиери во соседните балкански држави, на Груевски и на Самарас, бидејќи и двајцата се чувствуваат наклеветени, онеправдани и невини жртви на политички терор поради иста работа. Не го даваат името Македонија.

Многу индикативна и интересна ситуација кога двајца политичари со големо искуство, министри и претседатели на владата, дијаметрално спротивставени и де факто и во перцепцијата на грчката и на македонската јавност имаат исти маки баш поради името Македонија – едниот мисли дека Македонија е само грчка, а другиот само македонска. Двајцата поранешни премиери тврдат дека се изложени на тешки неправди и големи страдања со закана да завршат во затвор наместени за други измислени криминални афери и скандали. Не би ме зачудило набргу да се јават познатите патриотски аналитичари и во Грција и во Македонија кои ќе откријат докази дека се работи за жртви на ЦИА, нарачани директно од Белата куќа во Вашингтон.

Тоа би било во моментот најдобрата одбрана од евентуалните сомнежи дека овие спротивставени политичари и големи патриоти и верници имаат некои сличности и гревови во некои други области. Андонис Самарас покренува тужба пред грчкиот суд поради вмешаност на неговото име во скандал кој ја тресе Грција во врска со голема фармацевтска компанија „Новартис“. Самарас ѝ соопшти на јавноста дека се одлучил да бара правда на суд бидејќи бил наклеветен утредента по атинскиот митинг, и тоа во момент кога Грција е соочена со големи предизвици и закани. „Се обидуваат со лаги и клевети да ги замолчат своите противници, делејќи го грчкиот народ. Единствениот начин да се дознае вистината е да ги седнеме на обвинителна клупа и да го докажеме нивниот заговор“, вели Самарас премолчувајќи дека таква можност може да му даде и јавниот обвинител ако се покрене судска постапка за аферата „Новатарис“.

Никола Груевски е во полоша позиција, тој е обвинет за повеќе предмети, тешки кривични дела за што веќе седи на обвинителна клупа речиси секој ден. И тој, како Самарас, пред и по секое судско рочиште зборува дека се работи за политичка пресметка и организирана хајка поттикната однадвор и од дома, по противуставно преземање на власта во Македонија. Груевски сѐ уште тврди дека е оневозможен со државен удар да направи влада по победа на изборите. Откако експлодираа „бомбите“ на Зоран Заев пред три години, кога јавноста дозна за какви злодела станува збор, сите овие години ја слушаме истата одбрана, дека тоа е заговор на големите сили преку домашни предавници и непријатели со монтирани незаконски стекнати снимки да се преземе власта, да се подели народот, да се промени уставното име и да се изгуби националниот идентитет на Македонците. Истрагите, основаните сомненија, обвинителните акти за злоупотреба на власта, за баснословната корупција, за изборни неправилности, за нарачани судски пресуди и притворања, сето тоа се измислици и клевети само да се обезличи Македонија.

Следбениците и на Груевски и на Самарас имаат во своите јавни настапи една генерална истоветност и една голема разлика. И приврзаниците на Самарас и на Груевски мислат дека актуелните премиери договараат предавство на националните интереси со тоа што го скрнават светото име Македонија и го продаваат и го менуваат поради притисок на меѓународната заедница, читај Америка.

Големата, пак, разлика е во тоа што припадниците на грчката десница и нивните приврзаници во опозицијата протестираат и отворено повикуваат да не се дозволи каква било употреба кај северниот сосед на името Македонија. Додека пак кај следбениците на Груевски ситуацијата е сосема поинаква. Тие направија нагло свртување кон Запад и Америка и сега возат без сопирачки по удолница барајќи спас од превртување, бидејќи не може да си близок партнер со Америка и со Европа, да сакаш сојуз со НАТО и со ЕУ, а ништо да не менуваш со името на државата и да не се согласуваш со условите што ги наметнува саканиот стратегиски партнер Запад. Се мачат пред телевизиските камери новите лидери на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата како да ја решат нерешливата задача и да дадат поддршка за реформски курс кон Европа и кон НАТО, а истовремено да се ограничуваат демократски права со 35.000 амандмани и со бојкот на парламентот селективно според дневниот ред. Како да се преговара да се влезе во ЕУ без да се стави додавка на името на државата. За истото тоа што не успеаја, или поточно кажано не сакаа да го направат 11 години, сега проповедаат гатанки чие значење лесно се открива. Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат меѓу редови сменете го вие името на државата, ние во тоа нема да ви попречуваме ако ја преземете целосно одговорноста, а ние ќе викаме дека сме за влез во ЕУ и во НАТО, но само со уставното име. Така ќе викаме сѐ додека не дојдеме на власт, а потоа ќе ја прифатиме реалноста од предавството на претходниците. Многу тенка доктрина за да се покрие ВМРО-ДПМНЕ со двојна улога, една за меѓународната заедница, една за дома.

Може Груевски уште извесно време да го свртува вниманието на себе како жртва и страдалник со изјави пред судот од типот политичка пресметка, или дајте ми канцеларија во судот и плата. Но тоа е така за јавност. Но, кога во судот седнува на обвинителна клупа и кога почнуваат судските постапки, таму не прашуваат за политички прогон, туку многу поконкретно за уривање на туѓ имот во меѓусебен договор на Груевски, надлежниот министер и одговорни лица во инспекциите и општините. Во судот за сите судски предмети и обвинителни акти важат други правила, многу поразлични од јавните изјави пред телевизиски камери и на патриотските митинзи. Таму немаат никакво значење заверите на светот против Македонија ниту, пак, тезите на високоумните аналитичари и партиски колумнисти. Во сличностите на реакциите на Андонис Самарас и на Никола Груевски и во реакциите и активностите на нивните следбеници во Грција и во Македонија можат да се откријат вистинските мотиви и на големиот квазипатриотизам и на паниката од опасноста дека наметнатиот проблем меѓу двете земји навистина може да се реши. Една е борбата за власт, која е легитимна, дури и кога се бара национален консензус за полесно разрешување на тешки проблеми со бирање на помало зло, а друго е кога во лажниот патриотизам се бара спас од судска правда.