Македонија не е Кападокија
Ерол Ризаов
Дали Македонија е во Анадолија ме праша на една вечера еден инжинер, конструктор на ротациони машини во мултинационална компанија во Нант, Франција, пред повеќе од 30 години.Го погледнав вџашен и веќе станат да ја напуштам вечерата поради провокацијата. Одвај ме задржа неговата сопруга која пред полна маса го нарече сопругот неписмен и кретен. Откако му покажав на карта каде се наоѓа Македонија, безмалку среде Европа на два часа лет од тука, десет пати се извини, му се видело како да се исто Кападокија и Македонија, а бидејќи Кападокија е во Анадолија…… а сите три имиња му се причиниле старогрчки, па му се измешале. Итн,итн. Мојата лутина премина во приземнување, соочување со реалноста, зошто сите луѓе во светот би морало да знаат за Македонија, иако, да речеме географските области Кападокија и Македонија се спомнуваат повеќепати во најчитаната книга во светот, Библијата.
Подоцна, во Менхетен, среде Њуjорк, директор на позната банка на еден прием при запознавање ме праша дали Македонија е во Словакија. Низ заби изустив „НЕ“, а тој како од пушка: ах да се сетив, рече задоволен од себе и окезен, тоа е област во Русија. Овојпат јас бев тој што кажа кретен, ама во себе, да не го навредам непотребно човекот. Но, сепак му реков дека грешката е исто толку голема колку јас да го прашав дали Калифорнија е во Канада. Сега тој беше зачудениот, а јас се затекнав дека бајаги претерувам во споредбите поради мојата претерана чуствителност што некои луѓе не само што никогаш не чуле за Македонија, туку како да немаат елементарно познавање. Во Дизелдорф, таксист, роден Германец, се обложи со мене дека Достоевски е Македонец. Многу би сакал да е така и да сте во право, му реков, ама за жал не сте. Достоевски е Русин. Човекот беше упорен. Не, господине, ми рече прилично авторитетно, Достоевски е чистокрвен Македонец. Утредента на рецепцијата од хотелот ме чекаше ливче со извинување, сепак бил Русин, со додавка штета. Да, си реков, навистина штета.
Подоцна отрпнав на тоа незнаење за Македонија, па почнав да се шегувам со луѓето на своја и на нивна сметка, но ревносно објаснувајќи каде се наоѓа Македонија, колку жители има, какво уредување, малку историја и знаете како тоа оди стандардно со фактите за Македонија. Најбргу одеше разбирањето кога ќе кажев дека тоа е поранешна југословенска република исто како што се Србија, Кроација, Монте Негро, Словенија…… Многу веројатно голем број граѓани на Македонија, како и од сите поранешни југословенски републики, при својот престој во странство, како и нашите бројни иселеници се соочиле со оваа за нас мачна реалност кога интелектуалци, познати јавни личности, политичари, писатели, научници, новинари не знаат каде е Македонија, или никогаш не чуле за неа. Денес појаснувањето со помош на интернет и Википедија оди многу полесно, но и таму има бајаги непрецизности оти редовно се појавуваат две Македонии, една грчка, една македонска, озаглавена како Република Македонија.Но, сепак најголемо изненадување кај такви соговорници кои не чуле за Македонија постигнувам кога ќе им кажам дека Мајка Тереза е од Македонија и дека е родена во Скопје, дека тука завршила гимназија и до својата 18 година живеела во главниот град на Македонија. Тоа некако им олеснуваше и нив и мене во натамошната комуникација. Тие затоа што знаат, или слушнале за мајка Тереза, а јас затоа што имаме светица и планетарно познат хуманист и нобеловец.
Тоа што се однесува до белиот свет. Но, деновиве повеќе ме фрапира непознавањето на основни факти во Македонија за своите соседи, но и кај нив за Македонија. Просечно информиран човек може да се засрами и да се чуствува навистина како идиот од некои медиумски написи и изјави на политичари и граѓани во Скопје, во Солун и во Атина, како и од разни небулози искажани во дебати било да се работи за Македонија, за Грција, за Бугарија, за Србија, за Косово и за Албанија. Во добар дел тоа е трагичниот резултат на пропагандите од градинки до највисокото образование, до науката и искривената историја кои предизвикале пустош во свеста на најголемиот број граѓани на целиот Балкан каде со векови се таложела омраза и нетрпеливост.
Но, не се во прашање само ужасните пропаганди присутни од дамнина на овие простори. Денес, многу пострашно е елементарното непознавање на вистинските факти и неприфаќање на реалноста меѓу првите комшии. Во прашање се примитивизмот и провинцијализмот, комплексите на повисока вредност кои повеќе потврдуваат дека сите на Балканот сме исти во многу работи. Толку сме измешани што ако не сме од исто потекло бајаги сме се изедначиле во содржините што ги носиме во главите. Се уште има живи наследници на Александар Македонски кои сакаат да докажат дека се работи за големи разлики меѓу балканските народи, кои загрижените и забегани трагачи по подобар идентитет и славно ариевско потекло сакаат ги докажуваат со својата плуканка во лабараториите за ДНК истраги. За стотина евра можете да добиете сертификат од угледен институт дека во вашата крав течат антички гени. Запознав луѓе кои се фалат дека тоа го направиле и дека после тоа се чуствуваат многу подобро.
Кога човек ќе ги слушне овие работи како да се работи за пандемија од простотилак и незнаење, се тресат јавно на тони глупости во телевизиските и интренет мрежи. Кога има малку знаење, а многу емоции настанува познатата агресивна експлозија кон се што доаѓа од соседството, од Европа, од меѓународната заедница и од Запад. Но, најголемите проблеми некогаш доаѓаат од дома ако е различно од она што е зацементирано во главите на чуварите на среќата и радоста кои ги причинуваат назнаењето и лудоста. Практично тоа е најголемиот проблем во меѓусебното приближување на преостанатите балкански народи и земји кои чекаат во европската чекална. Европа со години јасно става до знаење дека не сака повеќе да увезува проблеми со приемот на нови членки, туку бара со решавање на домашните задачи тие работи да ги завршат земјите кои сакаат да бидат членки на НАТО и на ЕУ. Притоа јасно во своите оснивачки акти ЕУ ставила до знаење дека е на страната на своите редовни членки. Такви се правилата во клубот за тие што сакаат да влезат.
Задачите кои ги задава ЕУ ќе бидат успешно решени оној ден кога Србија и Косово ќе немаат нерасчистени прашања и ќе воспостават добри односи. Истото се однесува на Србија и Хрватска. Погодувате истото се однесува на Македонија и Грција, на Македонија и Бугарија, на Грција и на Албанија… .. Оној ден кога овие работи ќе се решат ќе се врати довербта .Сега клучното прашање е дали некој доволно упорно работи на ова, дали гради или разградува. Се чини како некој дење да гради, а ноќе да разградува. Решенијата кои не се добри, чесни и искрени не можат да бидат трајни.