Изборете се против избори
Александра М. Митевска
Кога партиските лидери ќе седнат на заедничка маса за да ги договараат финесите на новиот Изборен законик, кој е во подготовка, нема да биде лошо ако во него вметнат забрана за свикување предвремени парламентарни избори, без да постои доволно добра причина за тоа. Во атмосфера на латентно предизборие во земјава со години наназад, независно дали наближува гласање, еден таков чекор би можел да претставува голем влог во тековните реформи. Во спротивно, на домашната политичка сцена и натаму ќе царуваат евтин популизам и бесрамен клиентелизам, што не се мотивирачки фактори за повлекување потези кои се можеби непопуларни, ама се неопходни за стабилизација на државата.
Изборното законодавство на Норвешка, на пример, оневозможува одржување вонредни избори, но тоа во никој случај не ја прави оваа држава помалку демократска. Шведска, пак, не памети предвремени избори уште од доцните педесетти години од минатиот век, што во никој случај не ја прави помалку просперитетно општество. Затоа, пак, во тој поглед, македонската традиција, барем во последната деценија, е типично балканска, додека изборните циклуси што се спроведува речиси секоја година беа далеку од скандинавски.
Она што беше преседан во Македонија во 2008 година, стана практика во годините што следуваа, така што за една деценија се спроведоа дури четири циклуси предвремени парламентарни избори или двојно повеќе од тие што ќе требаше да се одржат доколку државата функционираше како нормална демократија. Кога на тоа ќе се додадат и редовните претседателски и локални избори што паралелно се одржуваа, не е изненадување што Македонија со 21 гласање за 27 години плурализам се вбројува меѓу „изборните рекордери“ на европската мапа. Но само според бројноста, а не и според стандардите за спроведување на изборите и сумирање на резултатите.
И што е најпарадоксално, со секои нови избори во претходните десет години, јакнеше апсолутистичката улога на претходната власт, а земјата назадуваше на патот кон ЕУ и НАТО. Како што и секој нов парламентарен состав што се избираше со половина мандат стануваше сѐ понеубедлив и понепрепознатлив од претходниот и посервилен кон извршната власт што треба да ја контролира…
И сега во Македонија мириса повторно на предвремени избори. На осум месеци од последното изборно соочување за градоначалници и советници, една и пол година по последниот „двобој“ за пратенички места, и неполна година до изборите за нов претседател на државата, на домашната политичка сцена пропагандата и кампањата стануваат многу погласни од реалноста и од прагмата. Во период кога државата излегува постепено од тунелот на големата и неколкугодишна политичка криза што се создаде околу аферата со прислушувањето и во време на нараснати очекувања за конечно затворање на долгогодишниот спор за името и за деблокада на евроатлантските перспективи, партиските челници се однесуваат повторно како да се во боксерска арена, а не на политичка сцена која плаче за стабилизација и нормализација на односите меѓу „главите актери“, барем кога се во прашање стратегиските приоритети на земјата.
Опозициски митинг пред Владата, повици од опозицискиот лидер за брзо изборно соочување, „патриотски шатори“ пред Собранието, трибини на владејачката партија низ општините…не се нешто што би требало да се доживува како вообичаено во држава која треба да функционира како нормална демократија. Во таква држава дијалогот и препукувањата меѓу политичките субјекти главно се одвиваат во и преку институциите, додека излегувањето на улица е резервирано само за случаи на големи политички потреси и за време на предизборна кампања – во вистинска смисла на зборот.
Затоа, ако дебаклот на Македонија на самитот на НАТО во 2008 година беше мотив за распишување на првите вонредни парламентарни избори, зошто една деценија подоцна – очекуваниот пробив на земјата на претстојниот самит на НАТО во Брисел да не претставува мотивација за еден поинаков преседан? Односно за прекинување на практиката на постојани вонредни избори кои се свикуваа во минатото без посебни повод и причина.
Овој пат, вистината е дека ниту на Христијан Мицкоски, иако ги бара, не му одговараат брзи избори, додека се приспособува сѐ уште на кормилото на партијата, која сега е расцепкана на повеќе струи, а која владееше цели 11 години во Македонија, од што последиците сѐ уште се чувствуваат. Вонредно гласање не му оди во прилог ниту на премиерот Зоран Заев, ако навистина сака да ги спроведе реформите што ги најави. Што се однесува, пак, до односот кон македонските гласачи, чесно е веќе еднаш да им се остави време и простор од четири години за, без притисок од постојана кампања, да може да донесат одлука која политичка гарнитура ја заслужува нивната доверба. Освен тоа, дегутантно е постојано да се зборува за избори во држава која речиси две децении не може да спроведе попис и во која политичките сили повеќе од половина година не можат да договорат нов состав на Државната изборна комисија.